Мистериозен сигнал во вселената ги збуни научниците: „Не сме виделе такво нешто досега“

Мистериозен сигнал во вселената ги збуни научниците: „Не сме виделе такво нешто досега“

Астрономите го следат VT J1906+0849, извор кој ги менува сјајот и фреквенцијата на радиозрачењето на необично долга временска скала.

Астрономите забележаа необичен радиоизвор во Млечниот Пат кој во текот на децениите се менува на начин каков што досега не е забележан. Објектот VT J1906+0849 се наоѓа на најмалку 49.000 светлосни години од Земјата, зад еден од спиралните краци на галаксијата, а по периодот на слабеење повторно почна да сјае посилно. Изворот првпат е забележан во податоците од истражувањето VLASS од 2017 година, кога достигнуваше околу 70 милијански единици, што го правеше многу сјаен и покрај големата оддалеченост. Астрономите потоа ги прегледаа постарите снимки од истиот дел од небото. Во податоците од 1996 година не видоа ништо, но набљудувањата од 2006 до 2013 година покажаа постепено засилување, пишува „Сајенс алерт“.

VT J1906+0849 го достигна врвот на сјајот од околу 200 милијански единици во 2014 година. Податоците од 2017 година го забележаа додека слабееше, а набљудувањата од 2019 и 2024 година покажаа дополнително слабеење. Но, податоците собрани кон крајот на 2025 година покажаа дека изворот повторно се засилил, според истражувањето објавено во списанието „Астрофизикал џурнал“. Не се менува само неговиот сјај.

Врвот на радиозрачењето беше на фреквенција од околу 1,9 гигахерци во 2019 година, се спушти на околу 0,8 гигахерци во 2024, а во 2026 година се качи на околу 2,2 гигахерци. Притоа, истражувачите не пронајдоа многу докази дека изворот се шири, иако кај облак што се шири врвната фреквенција обично би се поместувала кон пониски вредности.

- Изворот е оддалечен галактички синхротронски транзиентен објект кој околу две децении остана сјаен во радиобрановите, со промени во врвната фреквенција на спектарот и малку видливо ширење – наведуваат астрономите во трудот што го води Џеси Милер од Калифорнискиот технолошки институт.

Истражувачите разгледуваат неколку можни објаснувања. Експлозија би можела да ги објасни промените во сјајот, но исфрлената материја би требало да се шири. Можна е и маглина што ја напојува пулсар, но промените во врвната фреквенција не се вклопуваат добро во таа претпоставка. Затоа поинтересна им е можноста црна дупка или неутронска ѕвезда да привлекува материја од ѕвезда придружничка. Ваквиот систем би можел да исфрла млазови од честички и густ ветер, кои би создавале променливо радиозрачење и истовремено би го ограничувале ширењето на материјалот. Сличен процес се случува, според астрономите, во системот SS 433, оддалечен околу 18.000 светлосни години.

Набљудувањата со телескопот „Свифт“ не ги открија очекуваните силни рендгенски зраци. Инфрацрвените набљудувања на VT J1906+0849 открија гас што се движи со брзина од околу 2.000 километри во секунда, што одговара на силно избивање на материјал.

Сепак, астрономите сè уште не можат да потврдат што го движи објектот. Потребни се нови набљудувања за да се утврди дали VT J1906+0849 наликува на системот SS 433 или станува збор за нешто поинакво.

Извор: 24sata
Фото: magnific