Политехничкиот универзитет во Флорида доби летачки полицајци
Политехничкиот универзитет во Флорида набави летала „џетсон ОН“ за својот оддел за безбедност, со што започнува тестирањето на примената на електричните еВТОЛ (eVTOL) летала во полициските и во итните служби.
Компанијата „Џетсон“ објави дека Политехничкиот универзитет во Флорида го избра нејзиното летало „џетсон ОН“ како прво електрично возило со вертикално полетување и слетување (еВТОЛ) наменето за полициските операции. Леталото го доби прекарот Астро според кучето од цртаниот филм „Џетсонови“. Тоа ќе служи за истражување на можностите за напредна воздушна мобилност во јавната безбедност, итните интервенции, образованието и авиоистражувањата, велат од универзитетот.
Летачки надзор на универзитетот
За интеграција на леталото во операциите, на универзитетот му беше потребно одобрение од Сојузната управа за цивилно воздухопловство (ФАА). Платформата „Џетсон ОН“ ја потврди техничката усогласеност во мај 2025 година, а обезбедува доволна носивост за вградување опрема и полициска сигнализација. „Џетсон ОН“ во моментов веќе летаат на четири континенти со повеќе од 125 обучени пилоти.
Полицискиот оддел на универзитетот планира да го користи леталото за надзор на кампусот и на околните подрачја, пристап до тешко достапни терени и брза достава на итни стоки, во соработка со локалните агенции за спроведување на законот. Главниот извршен директор на компанијата „Џетсон“, Стефан Д’ан, изјави дека овој чекор претставува важна пресвртница во спроведувањето на стратешкиот план и поширокото прифаќање на личната електрична авијација надвор од рекреативната употреба. Тој нагласи дека првиот примерок на овој универзитет му е испорачан „преку ред“, и покрај тригодишната листа на чекање која во моментов постои за нивните дрон-едноседи.
Освен за полициска намена, Астро ќе служи и како практична истражувачка платформа за студентите и професорите на Политехничкиот универзитет во Флорида, кој есенва отвори нова студиска програма за воздухопловно инженерство. Со тоа универзитетот им овозможи на студентите директна можност за проучување на напредните технологии на летање во реално опкружување. Наставниот кадар и студентите веќе ги координираат активностите за да можат да ги искористат податоците од леталото за академски истражувања и завршни дипломски проекти.
Проектот се одвива во рамките на пилот-програмата на ФАА за интеграција на напредната воздушна мобилност во Флорида. Тестирањата ќе се спроведуваат во непосредна близина на универзитетот, на специјализиран полигон.
Фото: принтскрин/Х