Најпрепознатливиот симбол на Москва - интересни факти за црквата „Свети Василиј“

Најпрепознатливиот симбол на Москва - интересни факти за црквата „Свети Василиј“

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со својата црвена фасада, раскошни орнаменти и фантастични куполи, не е ни чудо што црквата „Свети Василиј“ се смета за едно од најубавите дела на руската архитектура.

Првично изградена помеѓу 1555 и 1561 година во знак на сеќавање на воено освојување, градбата продолжува да воодушевува илјадници и илјадници посетители секоја година на познатиот московски Црвен плоштад.

Црквата е светски позната по својот бајковит изглед, но колку знаете за нејзината историја. Ви пренесуваме неколку интересни факти за црквата.

Изградбата на црквата ја побарал Иван Грозни

Иван IV Василевич (1530-1584), првиот цар на Русија, ја наредил изградбата на црквата во 1555 година по руското заземање на независниот Казански хаганат (денешен Казахстан) и победата над Татарите. Репутацијата на Иван на строг водач довела до неговиот популарен прекар Иван Грозни. Всушност, некои приказни за изградбата на црквата велат дека Иван го ослепел неименуваниот архитект за никогаш да не се изгради слична градба.

Градбата ја сочинуваат 10 цркви

Распоредот се заснова на масивна централна црква која се вика покровска. Четири големи цркви се распоредени околу централното јадро како точки на компасот, а четири помали цркви се поставени дијагонално. И покрај систематското групирање на овие цркви, градбата во целина е асиметрична и го менува својот изглед во зависност од точката од која ја гледате. Десеттата црква е додадена во 1588 година во чест на блажен Василиј. Православниот светец предвидел дека една третина од Москва ќе настрада во голем пожар во 1547 година.



Надворешноста првобитно била обоена во бела боја

Иако денес црквата е позната по живописната надворешност, украсите се додадени дури 200 години по завршувањето на градежните активности. Всушност, се верува дека црквата првично била обоена во бело со златни куполи. Дури во 17 век руските архитектонски стилови почнуваат да вклучуваат и разновидни шеми на бои.

Црквата е под заштита на УНЕСКО

Како и другите културни знаменитости, така и оваа црква преживеала неколку различни епохи на светската историја. Во 1928 година градбата била конфискувана од Советскиот Сојуз и била претворена во секуларен музеј. Многу децении подоцна, во 1990 година, црквата била препознаена од страна на УНЕСКО како светско наследство. Оттогаш ѝ се враќа првобитната намена и почнува да функционира како црква. Од 1997 година служи како православен храм со неделни богослужби.

Извор: National Geographic
Фотографии: Pixabay