Зошто „Мекдоналдс“ става камери во контејнерите за отпад?

Зошто „Мекдоналдс“ става камери во контејнерите за отпад?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Рестораните на „Мекдоналдс“ и продавниците на „Нордстром“ почнале да ставаат камери во нивните контејнери за отпадоци. Камерите се на компанијата „Комполоџи“ и целта е да го следат движењето на отпадот, односно да се види дали материјалите правилно се рециклираат.

Џејсон Гејтс стои зад создавањето на камерите кои го следат движењето на отпадот со помош на вештачка интелигенција. Според него, поголемиот дел од компаниите и луѓето сакаат да рециклираат, но честопати не знаат како да го направат тоа на правилен начин.

„Комполоџи“ им покажува на компаниите како правилно да рециклираат отпад со помош на нивните специјализирани камери кои прават фотографии повеќепати во денот и во моментот кога се празнат контејнерите. Потоа, софтвер ги анализира фотографиите за да препознае дали во контејнерите има отпад што не може да се рециклира.


Според Гејтс, овој пристап може да го намали количеството на нерециклирачки отпад во специјалните контејнери за дури 80%. Брент Бон, кој поседува повеќе ресторани на „Мекдоналдс“ во Лас Вегас и Феникс, изјавил за Си-ен-ен дека камерите навистина им помогнале во рециклирањето.

Од „Комполоџи“ досега инсталирале околу 162.000 камери. Услугата чини од 10 до 20 долари месечно за еден контејнер, но Гејтс претпоставува дека со неа ќе се заштедат илјадници долари на други трошоци поврзани со рециклирањето на отпадот.

- Можевте да мерите колку струја, вода и гас користите со децении. Ние сега ви овозможуваме да го измерите отпадот што го произведувате - вели Гејтс.

Автор: Лукиа Пападопулос
Извор: interestingengineering.com
Фото: Pixabay