Француски скијачки центар нуди бесплатно скијање цела зима - еве зошто

Француски скијачки центар нуди бесплатно скијање цела зима - еве зошто

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Се работи за Сен Коломбан де Вилар во Савоја, скијалиште сместено на 1.100 метри надморска височина.

За жал, причините за оваа одлука воопшто не се радосни. Дефицитот на одморалиштето нагло се влошил во последните две години, а за да се избегне понатамошна финансиска штета, општината, по месеци неизвесност, одлучила воопшто да не продава ски-билети оваа зима. Целта е да се заштедат пари.

Според градоначалникот Пјер-Ив Бонивар, ски-центарот Сен Коломбан де Вилар е во дефицит речиси 25 години. Првично проценет на помеѓу 400.000 и 600.000 евра годишно, дефицитот значително се зголемил во последните сезони, главно поради сè понесигурните снежни врнежи. Во 2025 година дефицитот достигнал еден милион евра.

За општина со вкупен годишен буџет од 2,7 милиони евра, ситуацијата станала неодржлива.

-Речиси 40 проценти од градскиот буџет се користеа за покривање на загубите - изјавил Бонивар за „Еуроњуз травел“, нешто што францускиот закон за локална самоуправа не го дозволува на неодредено време.

Финансискиот притисок ја натера Савоја да интервенира, наредувајќи ѝ на општината драстично да ги намали оперативните трошоци, дури и ако тоа значи делумно или целосно затворање на ски-лифтовите. Ситуацијата дополнително се влошила со затворањето на врската до Ле Сибел, четвртата најголема ски-зона во Франција, од која Сен-Коломбан-де-Вилар беше дел од 2003 година.

Наплаќањето на ски-картите всушност би чинело повеќе

И покрај обидите да се најде решение со операторите на ски-лифтовите и надворешните компании, не бил пронајден одржлив економски модел. Наместо целосно да се запре скијањето, општината се одлучила за компромис: драстично намалување на ски-зоната, а воедно да се задржи ограничен дел за жителите и посетителите.

-Транзицијата од поврзана ски-зона во ништо би било ужасно, особено за локалните бизниси - изјавил градоначалникот.


Така се родила идејата дел од ски-зоната да биде бесплатен, а бројките објаснуваат зошто. Продажбата на ски-карти би барала вработување персонал на билетарницата и водење систем за карти, што би чинело помеѓу 36.000 и 41.000 евра за сезоната. Но, проектираните приходи од карти би достигнале само 18.000 евра.

-Всушност, помалку нè чини да не наплаќаме. Можеби звучи како економски апсурд, но финансиски има смисла - тврди градоначалникот.

Севкупно, општината проценува дека цената на бесплатното скијање оваа сезона ќе биде од 150.000 до 200.000 евра, околу пет пати помалку од минатата зима. Дефицитот е сè уште присутен, но е управлив.

Помала ски-зона наменета за семејства и почетници

Во практика, ски-зоната ќе има мини-ски-зона: два ски-лифта и дел посветен на почетници и семејства. Дали експериментот ќе привлече повеќе посетители, останува неизвесно, особено затоа што условите за снег на оваа надморска височина се сè понепредвидливи.

За градоначалникот, одлуката е привремено решение, а не долгорочно.

-На 1.100 метри алпското скијање е конечно осудено на исчезнување. Предизвикот сега е да се преобликува иднината на планинските села на средна надморска височина, преку диверзификација на нивната туристичка понуда, болна, но неопходна промена за заедниците кои долго време зависеа од скијањето - вели тој, забележувајќи дека климатските промени напредуваат побрзо од очекуваното, особено во Алпите.

Покрај бесплатното скијање за почетници, општината работи на промена на својата туристичка понуда - и во зима и на отворено. Зимските патеки за пешачење се веќе достапни, особено на посончевите падини каде што снегот брзо се топи.

Според градоначалникот, географијата на селото - со големи области свртени кон југ и ограничено задржување на снегот - го отежнува потпирањето исклучиво на алпско скијање. Се очекува планинарењето, патеките за пешачење и активностите на отворено да играат сè поважна улога, додека летниот туризам веќе привлекува постојан прилив на посетители.


Но, промената ќе потрае. Пронаоѓањето на вистинскиот модел за туризам во текот на четирите сезони бара и јавни инвестиции и поддршка од локалните бизниси, нешто што градоначалникот признава дека нема да се случи преку ноќ.

Засега, експериментот со бесплатно скијање останува само тоа: експеримент. Општината планира да ги оцени резултатите на крајот од сезоната, а целосна финансиска и туристичка анализа е закажана за април. Потоа, локалните власти ќе одлучат дали моделот може да се повтори или да се адаптира во идните зими.

Извор: forbes.dnevnik.hr

Фото: Freepik