Имаме ли дигитална деменција?

Имаме ли дигитална деменција?

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако не можете да се сетите на телефонски број без проверка во именикот, ако паничите кога батеријата ќе ви падне под 20 % или ако снимате концерт наместо да го гледате, добре дојдовте во клубот. Не, немате дијагноза во картон, но многу е веројатно да имате нешто што со години се нарекува дигитална деменција.

Изразот звучи драматично, но приказната е многу посуптилна и многу поблиска до секојдневието отколку што мислиме.

Што е дигитална деменција?

Поимот е воведен во 2012 година од страна на германскиот психијатар и невронаучник Манфред Шпитцер, опишувајќи ја појавата во која прекумерна употреба на дигитални уреди доведува до слабеење на помнењето, концентрацијата и вниманието. Идејата е едноставна - ако мобилниот памети наместо вас, мозокот престанува да се труди.

Зошто би помнеле броеви, маршрути, родендени или дури и сопствените мисли кога сето тоа може да се зачува на телефонот? Проблемот настанува кога мозокот останува без тренинг, а вниманието се сведува на кратки, испрекинати импулси, известувања, пораки и бесконечно скролање.

Важно е да се напомене дека дигиталната деменција не е медицинска дијагноза. Не постои во официјалните квалификации на болести, но тоа не значи дека не постојат сите тие нешта што ги опфаќа.

Зошто имаме потреба сè да снимиме?

Психолозите со години забележуваат интересен парадокс на современиот живот: сè повеќе документираме отколку што доживуваме. На концерти, изложби, протести, па дури и во некои приватни моменти, телефоните се во воздух за да имаме доказ дека сме биле таму.

Истражувањата покажуваат дека луѓето сè почесто го користат телефонот како продолжеток на помнењето, но и на идентитетот. Не снимаме само за себе, туку и за другите, за мрежите, за публиката, алгоритамот. Проблемот е во тоа што во тој процес вниманието заминува со моментот, а сеќавањето станува поплитко.

Со други зборови, имаме снимки, но немаме спомени.



Дали технологијата нè прави поглупави?

Тука приказната станува поинтересна. Иако со години се зборуваше дека дигиталните уреди го затупуваат мозокот, новите големи истражувања нудат нијансирана слика.

Се покажа дека проблемот не е во технологијата, туку во начинот на кој ја користиме. Пасивното скролање, постојаното префрлање на вниманието и мултитаскингот се поврзани со послаба концентрација и послабо помнење. Но, активната употреба на технологијата, односно учењето, пишувањето, комуникацијата, решавањето проблеми, може да има дури и позитивно влијание врз когнитивните функции.

Со други зборови, не е исто дали поминувате три часа гледајќи туѓи животи на „Инстаграм“ или три часа го користите интернетот за да научите нешто ново, да разговарате, создавате или да размислувате.

Симптоми што сите ги забележуваме

Ако се прашувате дали сте во ризик, еве неколку знаци што станаа речиси универзални:

-тешко се фокусирате на едно нешто подолго од неколку минути;
-постојано го проверувате телефонот, дури и без да има некое известување;
-чувствувате непријатност кога сте офлајн;
-заборавате информации што порано лесно сте ги помнеле;
-имате чувство како мозокот постојано да ви е уморен.

Ви звучи познато? Не сте сами. Ова не е индивидуален проблем, туку колективна состојба на современото општество.

Што можеме да сториме?

Не, решението не е да го фрлите телефонот и да се преселите на планина. Но, ситни нешта прават голема разлика:

-помалку пасивно скролање, повеќе свесно користење;
-паузирање од екраните во текот на денот;
-читање подолги текстови (да, сè уште е можно);
-разговори во живо без телефон на маса;
-оставање на мозокот да се досадува.

Излегува дека досадата е еден од најдобрите тренинзи за креативност и помнење.

Можеби дигиталната деменција не е болест, но е симптом на времето во кое живееме. Времето во кое постојано некаде брзаме, сè зачувуваме, а малку доживуваме. Технологијата не ни е непријател, но не е ниту неутрална. Таа ги зајакнува навиките што веќе ги имаме. Ако не внимаваме како ја користиме, лесно може да се случи да го помни нашиот живот наместо нас.

Извор: N1
Фотографии: Freepik