Куќа по куќа, улица по улица: Во Шведска се преселува цел град поради рудник
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На крајниот север на Шведска, 145 километри во внатрешноста на Арктичкиот Круг, се одвива една од најрадикалните урбани трансформации во светот - целиот град Кируна се преселува на нова локација.
Илјадници жители и објекти мора да се преселат поради пропаѓање на земјиштето предизвикано од проширувањето на најголемиот подземен рудник за железна руда во светот.
Новиот дом за Кирунa се гради три километри источно, а целиот зафат треба да биде завршен до 2035 година.
Градот е основан пред 125 години токму поради рударските активности на државната компанија „ЛКАБ“ и денес, покрај рударството, е познат и како важен европски вселенски центар.
- Станува збор за место што на многумина би им изгледало егзотично и, на некој начин, претпоставувам дека и е, но тоа е исто така мал град како и многу други. Овој подвиг се соочува со предизвици затоа што многу зависи од една компанија - изјави Џени Шјохолм, виш предавач на Универзитетот во Гетеборг.
Иако „ЛКАБ“ на глобално ниво е помал играч, на регионално ниво има огромно значење бидејќи обезбедува 80 отсто од вкупната железна руда ископана во Европската Унија.
Преселувањето на Кирунa
Сепак, успешната преселба на Кирунa се соочува со многу пречки. Локалните власти и компанијата бараат поголема финансиска поддршка од државата и ослободување повеќе земјиште за градба. Исто така, постои загриженост поради влијанието на рударењето врз одржливоста на заедницата, особено врз традиционалното одгледување ирваси и културата на автохтониот народ Сами.
Проектот, планиран уште од 2004 година, се најде во центарот на светското внимание во август оваа година кога беше
преместена градската црква. Во неверојатен инженерски подвиг, 113 години старата дрвена градба, тешка речиси 700 тони, беше пренесена во еден дел на новата локација.
Приближно во исто време „ЛКАБ“ објави дека проширувањето на рудникот ќе бара преселување на дополнителни 6.000 луѓе и 2.700 домови, со проценет трошок од 2,4 милијарди долари во наредните 10 години.
- Проблемот во моментов е тоа што локалната општина има многу малку земјиште што го поседува или што, од административна гледна точка, може да го направи погодно за градба. Мораа да купат земјиште од државата, која поседува поголем дел од територијата над Арктичкиот Круг. И тука се појавуваат предизвици со одгледувањето ирваси, судири со одбраната, природата и слично - вели Никлас Јохансон, виш потпретседател за јавни работи во „ЛКАБ“.
„ЕУ мора повеќе да се вклучи ако сакаме минерали“
Матс Тавенику, претседател на општинскиот совет во Кирунa, го опишува преселувањето како „огромен проект“ што би можел да ѝ донесе многу можности на Европа.
Сепак, нагласува дека успехот зависи од посилна финансиска и политичка поддршка од шведската влада и Европската Унија.
- Го имаме она што може да се нарече голема борба меѓу општината и „ЛКАБ“, па меѓу општината и нашата сопствена влада. ЕУ мора да ја засили поддршката. Не е доволно само да се донесе одлука дека имаме критични и стратешки минерали. Мора да нè поддржат со политички изјави и, секако, со пари - истакна тој.
Извор:
6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube