„Чет ГПТ“ ќе го замени „Гугл“ за најмногу две години, вели креаторот на „Џимејл“

„Чет ГПТ“ ќе го замени „Гугл“ за најмногу две години, вели креаторот на „Џимејл“

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Големата популарност на „Чет ГПТ“, софтверот создаден од „Опен АИ“, отвори многу прашања за иднината на пребарувачите како „Гугл“. Пол Бачит, креаторот на „Џимејл“, го даде своето мислење за ова. Според него, бизнисот на „Гугл“ ќе трае уште најмногу две години.



„Чет ГПТ“ излезе во ноември и брзо стана омилен софтвер на милиони корисници. Овој софтвер одговара на прашања со едноставни одговори, наместо со десетици страници резултати како „Гугл“. Софтверот овозможува и дополнителни прашања и се користи за решавање многу проблеми. Затоа, многумина се прашуваат дали тој ќе го замени пребарувачот „Гугл“.

Компанијата што стои зад „Гугл“, „Алфабет“, го изградила својот бизнис најмногу околу својот главен производ - пребарувачот, кој е главен извор на приходи за компанијата.

Технологиите како „Чет ГПТ“ може да ја елиминираат потребата од пребарувачи. Овој софтвер може да прави разни работи, од пишување поезија до составување програми. „Мајкрософт“ финансиски го поддржува софтверот и планира да го вклучи во својот пребарувач.

Извор: Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay