Дали астероидот „2024 YR4“ е вистинска закана за планетата Земја?

Дали астероидот „2024 YR4“ е вистинска закана за планетата Земја?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Астрономите открија астероид кој, според теоретските пресметки, има веројатност од 1:83 да ја удри Земјата во декември 2032 година.

Но, пред да завладее паника, научниците смируваат - според податоците на веб-страницата Space.com, шансите за директен удар се исклучително мали. Најверојатниот исход е дека небесното тело ќе ѝ се приближи на Земјата, но ќе ја промаши.

Се проценува дека новооткриениот астероид, означен како „2024 YR4“, има ширина од околу 60 метри. Во моментов тој се наоѓа на оддалеченост од 43,5 милиони километри од нашата планета. Според пресметките на Центарот за истражување на објекти блиски до Земјата (CNEOS) на НАСА, на 22 декември 2032 година овој астероид ќе се доближи на околу 106.200 километри од Земјата.

Сепак, ако се земат предвид можните отстапувања во неговата орбита, не може целосно да се исклучи и можноста за директен удар.

Доколку дојде до судир, постојат две сценарија: или ќе се распадне и ќе експлодира во атмосферата – слично на Тунгускиот метеорит од 1908 година, или ќе удри во површината на Земјата, создавајќи кратер.

Веб-страницата Space.com побара стручно мислење од Дејвид Ранкин, инженер за астрономски истражувања во проектот „Каталина скај срвеј“, како и искусен „ловец на астероиди“.

- Луѓето засега не треба да се грижат. Веројатноста за удар е минимална, а најверојатно астероидот само ќе нè заобиколи - е неговата порака.

Според Ранкин, моменталниот „коридор на ризик“ – област каде што теоретски би можел да удри – се протега од Јужна Америка, преку Атлантскиот Океан, па сè до регионот на Супсахарска Африка.

- Важно е да разбереме дека неговата орбита сè уште не е доволно прецизно одредена за да знаеме дали навистина ќе удри во Земјата. Но, во моментов, најверојатниот исход е дека ќе нè промаши - вели Ранкин.
Дури и ако „2024 YR4“ навистина се судри со Земјата, тоа не би било причина за аларм – астрономите сè уште немаат доволно информации за неговите физички својства, кои ќе бидат клучни за процена на потенцијалната штета.

Научниците ќе имаат подобра можност за анализи во 2028 година, кога овој астероид повторно ќе ѝ се доближи на Земјата, но на побезбедна оддалеченост од околу 8 милиони километри.

Извор: Klix.ba
Фото: Twitter