Кои земји имаат највисока старосна граница за пензионирање?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Заедно со Либија, Данска наскоро ќе стане една од земјите со највисока официјална старосна граница за пензионирање во светот.
Во моментов официјалната старосна граница за пензионирање во Либија изнесува 70 години. По законот усвоен во 2025 година, Данска ќе ја зголеми границата за лицата родени по 31 декември 1970 година на 70 години, од досегашните 67. Промената ќе се спроведува постепено, отсега па сè до 2040 година.
И пред усвојувањето на законот, старосната граница за пензионирање во Данска беше иста како во Австралија, Грција, Исланд, Израел, Италија и Холандија, како земја со втора највисока старосна граница за пензионирање. САД се наоѓаа на третото место со официјална старосна граница од 66,7 години, а Шпанија на четвртото со 66,5 години.
Зошто расте старосната граница за пензионирање?
Постојат неколку причини зошто старосната граница за пензионирање се зголемува низ светот. Прво, подолгиот животен век создава притисок врз пензиските системи.
Ова беше клучната причина за одлуката на Данска, која уште од 2006 година ја поврзува старосната граница за пензионирање со очекуваниот животен век. Сепак, оваа политика би можела да се промени по ова последно зголемување.
Втора причина е стареењето на населението поради падот на наталитетот, што значи дека сè помал број млади работници треба да издржуваат сè поголем број пензионери.
Конечно, фискалниот притисок, небалансираните буџети и инфлацијата ги тераат владите да ги ограничат трошоците за јавните пензиски системи преку зголемување на старосната граница за пензионирање.
Законска наспроти реална старосна граница
На хартија, овие старосни граници изгледаат високи во споредба со земји како Индија, Индонезија и Турција, каде што пензионирањето е дозволено уште на 50 години. Саудиска Арабија има најниска старосна граница во светот, при што некои работници можат да пристапат до целосна пензија веќе на 47 години.
Сепак, малкумина навистина престануваат да работат толку рано. Во практика, реалната старосна граница за пензионирање, односно возраста на која луѓето навистина престануваат да работат, најчесто е во средината или крајот на шеесеттите години.
- Нема задолжителна старосна граница за пензионирање. Многу луѓе продолжуваат да работат и во своите седумдесетти години, без оглед на официјалната граница - вели Даг Кери, овластен финансиски аналитичар и основач и претседател на „Велтрејс, софтверска компанија за финансиско планирање на пензија.
Старосна граница за пензионирање во Македонија
Во нашата земја законската старосна граница за пензионирање во моментов изнесува 64 години за мажи и 62 години за жени, при што се потребни и најмалку 15 години стаж за да се стекне право на старосна пензија.
Извор:
Investopedia.com
Фото: Freepik