Американски анестезиолог откри колку заработува

Американски анестезиолог откри колку заработува

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Една редит-објава во која американски анестезиолог детално го прикажал растот на неговата плата - од скромните почетоци до енормно високите износи, предизвика големо внимание на интернет.

Неговиот финансиски пат започнал во 2013 година, кога како студент по медицина и келнер заработувал околу 10.000 долари (околу 8.700 евра) годишно. До 2025 година, како специјалист анестезиолог, неговите приходи достигнале дури 910.000 долари (околу 790.000 евра), за што пишуваа многу светски медиуми.

Овој раст на приходите ја отсликува долгата и напорна обука типична за медицинската професија. Во раните години имал скромни примања - стипендии од околу 5.000 долари (4.400 евра) годишно и плата под 60.000 долари (52.000 евра) за време на специјализацијата. Значителен скок се случил по завршувањето на обуката: во 2021 година заработката достигнала 228.000 долари (199.000 евра), а потоа нагло растела во следните години.

Клучна улога одиграла дополнителната работа. Анестезиологот објаснил дека работел дополнителни смени покрај основната работа, при што платата со бонуси му изнесувала околу 700.000 долари (609.000 евра).

Зошто ја споделил приказната?

Тој признал дека долго размислувал дали да ги објави овие податоци бидејќи темата за лекарските плати е чувствителна. Сепак, одлучил дека неговото искуство може да им помогне на идните студенти по медицина и специјализанти да разберат што ги очекува.

Според него, во моменти на непроспиени ноќи, тешки дежурства и исцрпувачки работни часови, помага да се има визија за подобра иднина.

Воедно се осврнал и на честите критики дека високите лекарски плати се причина за скапото здравство.

- Платите на лекарите не се ни меѓу трите најголеми трошоци во здравствениот систем, а камоли главната причина за растот на трошоците - напишал тој и објаснил дека неговата висока заработка е поврзана и со огромниот обем на работа, а кажал дека дури и дел од годишниот одмор го користел за дополнителни ангажмани.

Реакции од корисниците


Коментарите на „Редит“ беа мешавина од восхит, неверување, но и загриженост поради тежок и долг пат до ваква кариера.

- Овој човек е анестезиолог. Зад тоа стојат години образование, специјализација и огромна одговорност. Ако направи грешка, некој може да умре - напишал еден интернет-корисник, а многумина се согласија дека високите приходи се оправдани со оглед на долгото образование и тежината на професијата.

- Нетипичен труд, нетипична плата. Благодарен сум што има луѓе кои поминуваат децении учејќи за да нè одржат во живот кога ни е најпотребно - вели друг интернет-корисник.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik