На овој остров се бараат нови жители и се нуди богата награда, еве кои се условите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Властите на Сардинија нудат финансиска поддршка преку посебни програми за преселување во помирни села на островот, со цел заживување на руралните подрачја кои со години се соочуваат со намалување на бројот на жители. Помладите генерации често заминуваат во поголеми градови поради работа, додека постарото население останува во помалите места, па локалните власти се обидуваат да донесат нови жители.
Преселбата на Сардинија за многумина претставува можност за живот во попријатна средина, покрај море и со поблага клима, а на социјалните мрежи оваа опција се опишува како многу привлечна.
За кого е наменета програмата?
Програмата е наменета за сите што се подготвени да пријават живеалиште во мало место на Сардинија со помалку од 3.000 жители. Локалните власти нудат грант до 15.000 евра по домаќинство за купување или реновирање на недвижности.
Кандидатите мора да се обврзат дека ќе се вселат во рок од 18 месеци од купувањето на имотот или завршувањето на реновирањето, со цел да се обезбеди трајно населување, а не само повремен престој.
Дополнителни поволности за семејства
Покрај почетната поддршка, постојат и дополнителни стимулации за оние што планираат долгорочно да живеат на островот и да основаат семејство. Паровите можат да добијат околу 600 евра месечно за прво дете и 400 евра за второ дете, сè додека децата не наполнат пет години.
Регионалните власти истакнуваат дека ова е дел од поширока стратегија насочена кон обнова на заедниците погодени од иселување и зајакнување на локалната економија. Целта е да се поттикнат луѓето да останат или да се преселат во помали средини, со што тие повторно би станале привлечни за живот и развој на семејство.
За спроведување на програмата е издвоен буџет од 45 милиони евра, што покажува дека властите ја гледаат оваа мерка како долгорочен обид за справување со иселувањето од руралните подрачја.
Постојат и ограничувања
Сепак, поддршката се однесува само на недвижности во мали општини, а оние што веќе живеат во слични места на Сардинија немаат право да аплицираат.
И покрај тоа, финансиската помош, побавниот начин на живот и пријатната клима ја прават оваа програма атрактивна за многу луѓе, па затоа предизвика голем интерес и на интернет.
Извор:
Blic.rs
Фото: Freepik