Некои луѓе не го поднесуваат мирисот на сланина. Што вели науката за тоа?

Некои луѓе не го поднесуваат мирисот на сланина. Што вели науката за тоа?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Сланината со векови е популарна храна, но во првата деценија од 21 век нејзината популарност достигна речиси култен статус. Освен вообичаените додатоци во јадењата, како што се бургерите, на пазарот се појавија и производи како газирани пијалаци, бонбони, па дури и конец за заби со вкус на сланина.

Да признаете дека мирисот на сланина не ви одговара, би можело да предизвика чудење, но за таа одбивност постои и научно објаснување. Имено, како што е случај и со познатата аверзија кон коријандерот, чувствителноста на мирисот на свинското месо може да биде запишана во гените.

Одговорот се крие во гените

Истражување спроведено во 2012 година, во кое учествувал Медицинскиот центар на Универзитетот „Дјук“, ја поврзало чувствителноста на мирисот на свинското месо со генот ОР7Д4. Голем број од населението носи варијанта на тој ген, поради што се исклучително чувствителни на хормонот андростенон.

Тоа соединение се наоѓа кај машките цицачи и е концентрирано во свинското месо, а кај лицата со генетска предиспозиција може да предизвика непријатни асоцијации кои потсетуваат на телесен мирис. Затоа, ако од мирисот дури и на најквалитетната сланина ви се превртува желудникот, причината би можела да биде генетиката.

Науката зад привлечниот мирис


Секако, постојат и други причини поради кои сланината не е за секого. Но што е тоа во мирисот на сланината што ги привлекува повеќето луѓе? Одговорот лежи во сложената хемиска трансформација што се случува за време на печењето.

Само едно парче сланина содржи повеќе од 150 ароматични молекули, вклучувајќи јаглеводороди, алдехиди и соединенија што содржат азот. Со загревањето се активира Мајаровата реакција, процес во кој аминокиселините и шеќерите создаваат нови соединенија кои се ослободуваат во воздухот.

На луѓето тој мирис еволуциски им сигнализира нутритивно богат оброк. Колку е сланината покрцкава, толку Мајаровата реакција е побрза, а мирисот поинтензивен. Кај повеќето луѓе тој привлечен мирис надвладува над потенцијално непријатните соединенија како андростенонот, но кај оние чувствителните, одбивноста и понатаму преовладува.

Извор: Index.hr 
Фото: Freepik