Под Гренланд се случува нешто чудно - откриени огромни столбови и вители во мразот

Под Гренланд се случува нешто чудно - откриени огромни столбови и вители во мразот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Под масивната ледена покривка на Гренланд се случува необичен процес што може да им помогне на научниците подобро да разберат како се менува овој огромен систем. Длабоко под површината мразот не се однесува како цврста маса, туку бавно се движи создавајќи структури слични на столбови и вители.

Еден научник сликовито го опишува тоа како „лонец со врели тестенини“.

Мраз што се однесува како течност


Овие необични форми првпат биле забележани во 2014 година со радарско снимање, но нивното потекло долго време било мистерија. Најновите истражувања укажуваат дека станува збор за термална конвекција - процес при кој потоплите делови се издигнуваат, а постудените се спуштаат, создавајќи бавни кружни движења.

- Обично мислиме дека мразот е цврст и неподвижен. Затоа е фасцинантно што делови од ледената покривка се однесуваат како да вријат - вели Андреас Борн.

Како настануваат „столбовите“?

Научниците сметаат дека овие структури се формирале илјадници години под влијание на топлина што доаѓа од внатрешноста на Земјата. Иако звучи необично, мразот е многу „помек“ отколку што изгледа и може бавно да тече.

За да ја потврдат оваа теорија, истражувачите направиле дигитален модел на ледената покривка користејќи слични симулации како во проучувањето на внатрешноста на Земјата. Кога ги внеле параметрите, моделот покажал ист тип на столбови и вители какви што се регистрирани под Гренланд.

Зошто е важно ова откритие?

Ова откритие е значајно за разбирањето на климатските промени. Ледената покривка на Гренланд зафаќа повеќе од 1,7 милиони квадратни километри, а нејзиното целосно топење би можело да го зголеми нивото на морињата за повеќе од 7 метри.

Во последните децении топењето се забрзува, со сè почести и поинтензивни периоди на екстремно топење.

Мразот е почувствителен отколку што се мислеше

Еден од клучните заклучоци е дека мразот е помек и почувствителен на притисок отколку што се претпоставувало. Ова е важно затоа што овозможува попрецизни прогнози за тоа колку брзо ќе се топат ледените маси и какво ќе биде влијанието врз нивото на морето.

И покрај драматичниот опис, научниците нагласуваат дека овие структури не значат автоматски побрзо топење. Тие повеќе наликуваат на „фосили“ од минатото, односно остатоци од подебел и постуден мраз од ледената доба.

Откритието покажува колку малку знаеме за процесите што ја обликуваат нашата планета. Секое ново сознание не само што помага подобро да ја разбереме иднината на климата, туку и нè потсетува колку е сложена природата.

Извор: Klik.hr 
Фото: Freepik