Марко Таневски, матурант од НОВА: Љубовта кон математичките науки го одведе на студии во Тексас

Марко Таневски, матурант од НОВА: Љубовта кон математичките науки го одведе на студии во Тексас

Љубовта кон математичките науки и истражувачката дејност го насочила младиот Марко Таневски, матурант во Меѓународното училиште НОВА, да одлучи својата идна академска кариера да ја продолжи во САД. Тој се пријавил на десетина американски универзитети кои имале силни научни оддели и на негова огромна радост, два од нив му ја прифатиле апликацијата, истовремено нудејќи му и стипендија за школување – Универзитетот „Рајс“ (Rice University) и катарскиот кампус на Универзитетот „Carnegie Mellon“. Марко вели дека иако двата универзитета се многу академски силни, тој избрал да го продолжи образованието на „Рајс“ во Хјустон најмногу поради уникатната универзитетска атмосфера и локацијата, бидејќи Хјустон е градот во кој одамна сонувал да живее.

Марко сѐ уште не знае што точно ќе студира бидејќи универзитетот му дава можност да земе кои сака предмети во првите два семестри и дури во втора година од студиите да одлучи на која насока ќе студира. Засега неговиот интерес примарно е насочен кон информатика или применета математика.

- Отсекогаш знаев дека сакам да го продолжам образованието по средното училиште, а и дека сакам да придонесам кон развојот на човештвото. Разгледувајќи ја историјата на науката, сфатив дека десетина американски универзитети се одговорни за најголемиот дел од технолошкиот развој во светот во последниве 50 години и така се создаде мојата желба за идни студии во Америка – раскажува Марко.



Најголемиот предизвик од претстојното школување во Америка за него бил процесот на аплицирање на различните факултети. За разлика од аплицирањето на факултетите во Европа, американските универзитети немаат конкретни барања од учениците, како што се посебни оценки или приемни испити. Ученикот кој се пријавува треба да ги испрати своите оценки, резиме со воншколски активности, есеи за целите и карактерните особини и препораки од професори. Потоа универзитетите ги разгледуваат целосните апликации и одлучуваат дали сакаат да имаат студент како конкретниот апликант.

- Тоа што многу луѓе со одлични оценки и високи постигнувања на стандардизирани тестови се одбиени секоја година многу ме плашеше. За среќа, заедницата во НОВА го направи процесот на аплицирање многу побрз и полесен од тоа што инаку ќе беше. Систематизираното барање и праќање препораки го направи целиот процес да трае само неколку часа. Од друга страна, објаснувањето на процесот на аплицирање и временските рокови од страна на академските советници од НОВА, исто така, скрати голем дел од потребното истражување, па ми ослободи многу време кое го искористив на подобрување на моите апликации – вели Марко.

Како и за секој млад човек, вклопувањето во новата средина во која ќе живее и учи ќе биде предизвик за Марко, особено, како што вели, начинот на плаќање данок во Америка или работната култура. Но, тој е подготвен за предизвиците што го очекуваат бидејќи и самиот универзитет се труди да му го олесни целиот процес на преселба, така што се надева дека промената нема да му влијае премногу силно и ќе може да се фокусира на студиите.



- Мојот сон отсекогаш беше да станам истражувач или академик во некоја математички доминантна област, како информатиката или физиката. Сепак, ваквиот сон бара последипломски студии, па се надевам дека на крајот ќе успеам да го добијам тоа образование, без разлика дали ќе треба да поминам неколку години работејќи надвор од академскиот свет или директно ќе се запишам по завршувањето на студиите. Сѐ уште не сум сигурен кое е местото каде што ќе живеам кога целосно ќе завршам со образованието – завршува Марко.