Кондицијата на европските деца е на историски минимум - експертите предупредуваат на сериозни последици

Кондицијата на европските деца е на историски минимум - експертите предупредуваат на сериозни последици

Физичката подготвеност на децата и адолесцентите во Европа падна на најниско ниво во последните шест децении, предупредува новото истражување на научниците од Универзитетот во Сарагоса.

Експертите наведуваат дека денешните генерации бележат сè полоши резултати кога станува збор за силата, флексибилноста и телесниот состав, што би можело да остави долгорочни последици врз нивното здравје. Резултатите од истражувањето се објавени во стручното списание „Спортс медисин – опен“, а се засноваат на анализа на податоци за повеќе од 417.000 деца на возраст од 6 до 16 години од 20 европски земји, собрани во периодот меѓу 1965 и 2023 година.

Сè послаба физичка подготвеност кај младите

Истражувачите ги следеле промените на четири клучни показатели на физичкото здравје – мускулната сила, флексибилноста, телесниот состав и кардиореспираторната издржливост. Според нив, токму овие способности се од пресудно значење за здравиот развој на децата, а сегашните трендови покажуваат дека се пропушта важен период за градење здрави навики кои подоцна тешко се надоместуваат.

Силата и подвижноста во постојан пад


Анализата покажува дека силата на горниот дел од телото опаѓа уште од седумдесеттите години на минатиот век. Иако меѓу осумдесеттите и почетокот на 21 век е забележана краткотрајна стабилизација, негативниот тренд продолжил.

Слична е ситуацијата и со силата на нозете. По подобрувањето до осумдесеттите години, резултатите од тестовите за скок секоја година стануваат сè полоши. Особено загрижува податокот дека процентот на телесни масти континуирано се зголемува, додека авторите предупредуваат дека индексот на телесна маса (БМИ) често не дава целосна слика за овој проблем. Најголем пад е забележан кај флексибилноста, која е во континуирано опаѓање, а тој процес дополнително се забрзал по 2000 година.

Издржливоста повеќе не се влошува, но останува загрижувачки ниска

Кога станува збор за кардиореспираторната кондиција, односно способноста на срцето и белите дробови да му обезбедат доволно кислород на организмот за време на физички напор, истражувањето покажува дека негативниот тренд во последните години е забавен. Податоците за периодот од 2015 до 2023 година укажуваат на стабилизација, но на ниво кое и понатаму е значително полошо отколку пред неколку децении. Поради тоа, авторите на студијата сметаат дека институциите мора посилно да инвестираат во програми кои ги поттикнуваат децата на секојдневно движење и занимавање со спорт.

Мнозинството млади не ги исполнуваат препораките

Научниците потсетуваат дека добрата физичка подготвеност во детството е поврзана со помал ризик од срцеви заболувања, подобро здравје на крвните садови и поквалитетен телесен состав во возрасната доба.
Светската здравствена организација препорачува децата и адолесцентите секој ден да поминуваат најмалку 60 минути во умерена или интензивна физичка активност, со вежби за зајакнување на мускулите и коските најмалку трипати неделно.
Сепак, се проценува дека повеќе од три четвртини од европските тинејџери не го достигнуваат тоа препорачано ниво на активност.

Последиците ги чувствуваат и здравствените системи


Според податоците на Светската здравствена организација, физичката неактивност е еден од значајните ризик-фактори за развој на многу хронични болести. Се поврзува со околу шест проценти од случаите на коронарна болест на срцето, седум проценти од дијабетес тип 2, како и десет проценти од случаите на рак на дојка и рак на дебелото црево. Се проценува и дека недоволното движење придонесува за речиси десеттина од предвремените смртни случаи и за значителен број смртни случаи предизвикани од кардиоваскуларни заболувања.

Извор: buka
Фото: magnific