Киборг-бубашваби со минијатурни шприцови би можеле да спасуваат луѓе при големи катастрофи
Инженерите по биороботика работат на киборг-инсекти опремени со камери и минијатурни медицински инјектори за мисии за потрага и спасување. Бубашвабите се осмислени така што можат да достават итна помош до луѓето заробени во срушени згради, пештери или други места кои се премногу опасни или непристапни за спасувачите.
Овие киборг-бубашваби ги развија истражувачите по биороботика од Универзитетот во Квинсленд во соработка со биомедицинските инженери од Универзитетот на Нов Јужен Велс.
Инженерот Танг Во-Доан изјави дека нивното истражување го претвора киборг-инсектот од подвижен сензор во ситен спасител, додека клучните медицински одлуки и понатаму остануваат под контрола на луѓето.
- Киборг-инсектите веќе неколку децении се развиваат за мисии за потрага и истражување. Сакавме да го направиме следниот чекор. Кога некого ќе пронајдат, можат ли навистина и да му помогнат - изјави Во-Доан.
Истражувачите користеле вид џиновска бубашваба која живее на крајниот север на Квинсленд (Macropanesthia rhinoceros) и ја опремиле со лесна електроника и камери.
На бубашвабите се поставени и посебно изработени системи за автоматско инјектирање кои се активираат од далечина.
- Подобрувањето на нивните природни биомеханички способности би можело да им овозможи на овие киборг-инсекти да дадат итна помош кога не е можно директно да им се пријде на луѓето заробени во тесни простори преполни со урнатини - изјави Во-Доан.
Во тестовите со кои требаше да се докаже дека концептот функционира, киборг-бубашвабите имаа 95 проценти успешност при инјектирањето од мала оддалеченост, кога беа поставени на помалку од 15 сантиметри од метата.
Кога требаше да ја извршат комплетната задача, односно самите да се движат до метата и потоа да извршат инјектирање, успешноста изнесуваше 72 проценти.
Докторандот Хаи Њан Ле изјави дека прецизното позиционирање на бубашвабите претставувало еден од главните инженерски предизвици.
- Киборг-инсектот мора да дојде до метата, прецизно да се позиционира и да остане доволно стабилен за да може да изврши инјектирање. На многумина можеби нема да им се допадне глетката на џиновска бубашваба која трча кон нив, но ако сте заробени под урнатини или во пештера и ви е потребна помош, таа навистина би можела да претставува разлика меѓу животот и смртта - изјави Ле.
Фото: принтскрин/јутјуб