Познат хотел во Словенија 28 години имал тајна соба за прислушување на гостите

Познат хотел во Словенија 28 години имал тајна соба за прислушување на гостите

Постојнската Јама е една од најпознатите туристички дестинации во овој дел од Европа, а низ нејзините подземни простории во текот на децениите поминале милиони луѓе. Но, интересните приказни не завршуваат со излегувањето од пештерата. На само неколку чекори од нејзиниот влез, уште од 1971 година, се наоѓа хотелот „Јама“ во кој престојувале туристи, државници и некои од најпознатите личности од тогашна Југославија и од светот. Низ хотелските ходници секојдневно се движеле гости и вработени, но неколку простории во приземјето биле целосно затворени за јавноста и речиси никој не знаел за нив.

Цели 28 години никој не влегол зад тешките железни врати, сè додека работниците при големото реновирање во 2016 година не ги отвориле. Она што го пронашле речиси и да немало никаква врска со хотелското работење.

Имено, зад вратите се наоѓал скриен поранешен комуникациски и прислушувачки центар, со телефони, магнетофонски ленти, прекинувачи и опрема на поранешните југословенски служби. Со години прашината се таложела врз уредите, а целиот простор изгледал како луѓето што работеле таму еден ден едноставно да станале и да си заминале.

Никој од вработените не знаел што се наоѓа зад вратата

Кога работниците во текот на реновирањето стигнале до приземјето, во близина на пералницата и магацинот со возовите, наишле на заклучена железна врата. Никој од вработените не знаел што се наоѓа зад неа. Кога конечно ја отвориле, внатре пронашле четири простории од поранешната таканаречена шпионска база. Таму имало магнетофонски ленти, телефони, големи панели со прекинувачи и цел систем за прислушување.


Според она што денес се раскажува за време на обиколките, центарот ја покривал речиси цела словенечка Приморска, односно западниот дел од земјата кон Јадранското Море и границата со Италија, а бил поврзан и со цивилни и со воени телефонски централи. По целата висина на хотелот се протегал тесен простор без прозорци и врати низ кој биле поставени кабли, додека на покривот некогаш имало антена. Од тајните простории можело да се излезе на повеќе страни, преку рецепцијата, клупските простории и магацинот, а еден излез, наводно, водел директно во самата Постoјнска Јама.

Тито и светски државници под ист покрив

Хотелот „Јама“ во текот на децениите не примал само туристи што доаѓале да ја разгледаат Постoјнска Јама. Во него престојувале и некои од најважните политичари и државници од тоа време, меѓу кои Јосип Броз Тито, последниот ирански шах, индискиот државник Џавахарлал Нехру и советскиот лидер Леонид Брежњев. Според приказните што денес се пренесуваат за време на обиколките, Тито често се дружел со гостите во таканаречените клупски простории на првиот кат.


Токму таквите високи гости биле особено интересни за тогашните безбедносни служби и потенцијални цели на надзор. Дополнителна тежина на целата приказна ѝ дава фактот што Постoјна во тоа време имала важна воена улога, а на ридот над хотелот се наоѓала воена база. Во таков контекст станува појасно зошто тајниот комуникациски и прислушувачки центар се наоѓал токму тука.

Архитектот кој ги проектирал собите никогаш не ги видел

Еден од најинтересните детали од целата приказна е поврзан со човекот кој, наводно, ги осмислил тајните простории. Според достапните податоци, хотелот го проектирал архитектот Тихомир Степанов од Изола, кој уште за време на отслужувањето на воениот рок, наводно, добил задача во објектот да проектира скриени простории. Не смеел да зборува за нивното постоење, а откако ја завршил работата, плановите му биле одземени. Според приказната што денес се пренесува, тој никогаш не влегол во тие простории.

Кога просториите биле отворени, во триесетина празни кутии била пронајдена само една шифрирана аудиоснимка. На неа се споменуваат ознаките „Планина 1“, „Планина 2“ и „Планина 3“, како и „Река“, па се претпоставува дека центарот бил поврзан со некој воен центар во Риека. Се чини дека преостанатото некој го зел со себе кога системот бил исклучен, некаде околу осамостојувањето на Словенија, на почетокот на 90-тите години. Токму затоа официјалната приказна на местото гласи приближно вака: сè што овде ќе слушнете и видите можеби е вистина, а можеби е лага.

Како изгледа посетата на хотелот денес

Сопственикот на хотелот со текот на времето добил дозвола да ги реконструира просториите и да ги отвори за јавноста, па така Тајните простории на хотелот „Јама“ станале првите простории од таков вид отворени за посетители на територијата на поранешна Југославија.

Обиколката е осмислена како интерактивно документарно доживување во траење од околу 1,5 час, кога се слушаат оригинални снимки од прислушувањето на поранешната Служба за државна безбедност, инаку достапни само со посебна дозвола во Архивот на Република Словенија, а посетителите сами одлучуваат што од сето тоа е вистина.

Доживувањето е достапно на словенечки и на англиски јазик, наменето е за возрасни и млади постари од 15 години, а обиколката се одвива во мали групи од најмногу 6 лица. Сè започнува на рецепцијата на хотелот, каде што ве пречекува водичот и ве води до просториите што со децении биле скриени од погледите. Што точно ве очекува таму, најдобро е да не се открива однапред.

 

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Facebook/Hotel Jama