Младите не се една хомогена група и наша задача е да создадеме услови за нивно вклучување, велат од организациски совет на Саемот во Скопје и Колективот Смоква. Колективот служи за да поттикне интерес кон алтернативен начин на живот, да се разбуди индивидуалната и колективната одговорност и за да материјализираме солидарност
Балканскиот анархистички саем на книгата се одржува во различни градови на Балканот уште од 2003 година. Во Скопје првпат се одржал во 2011 година, а и годинава Скопје беше домаќин на анархистичката литература. Станува збор за самоорганизиран настан кој со текот на годините расте и се преобразува за да одговори на политичките потреби на регионот. Зад Балканскиот анархистички саем на книгата 2026 стои организациски совет од Анархистичкот колектив Смоква, како и многубројни волонтери, пријатели и анархисти од Балканот и пошироко.
- Ние го организиравме настанот од политичка неопходност. Последните неколку години сме сведоци на живот што забрзано се распаѓа: огромна инфлација и недостапност на основни средства за живот, зачестени „трагедии“ кои се всушност убиства, како во Кочани, распаднат здравствен систем, држава која ни ги уништува средствата за репродукција на нашиот живот и потоа ни попува дека животот може да ни се реши само преку европска интеграција. Од друга страна, младите не читаат, не творат и ги губат пасиите, со селење во странство како единствена цел. Воедно, сведочиме на патријархалните, националистичките и религиозните сили кои мобилизираат страв и обликуваат нови генерации низ стари хиерархии. Но, тоа што исто така се случува е еден нов порив на борба кој повторно се мобилизира. Во овие услови саемот е привремено огледало на тоа како може да изгледа една алтернативна иднина и си зема задача да ни го покаже патот кон истата, една иднина каде што се бориме за нешто подобро - споделуваат од организациски совет на Саемот.
Не е лесен пристапот до каква било литература
Саемот годинава помина одлично, со над 80 издавачи, над 40 панели, работилници, проекции, дискусии, 12 музички артисти на 4 локации и 300-500 гости секој ден.
- Само неколку недели пред почетокот на саемот, трагично го загубивме нашиот другар Никола Штериов, со кого заедно го организиравме Саемот изминатата година. Саемот започна со читање на текст кој го напишавме во негова чест, и на сите присутни, како на оние што го познаваа така и на оние што не го познаваа, им стана јасно колкава дупка остави неговото отсуство. Откако се созедовме по силно емоционалниот почеток, продолживме со густата програма. На панелите се зборуваше за антифашизам, солидарност, феминизам, екологија, квир-права, здравје, технологија, слободен простор, уметност, автономија, храна, мигранти. Имавме и онлајн јавувања со автори од Палестина и Судан, имавме работилница за ритмичко тропање на протести и работилница за самоодбрана и уште мал милион активности во секое ќоше од накратко окупираното од анархисти ФЛУ. За музиката првите два дена имавме три „сцени“ со многу бендови и диџеи. На саемот имавме и палестински сокчиња, домашна комбуха, домашни лимонади и сирупи од смоква и лаванда, другарите од Косово донесоа машина за кафе, а секој ден се готвеше ручек за сите стотици присутни - споделуваат организаторите на Саемот.
Кога станува збор за анархистичката литература, нејзината достапност и понудата на саемот, велат дека на Балканот не е лесен пристапот до каква било литература.
- Во Скопје одамна немаме исклучително самоорганизирани издавачки капацитети, а сѐ повеќе ги гледаме независните издавачи како се соочуваат со прекарни услови и едвај преживуваат. Исто така, Балканот не е имун на глобалниот тренд на антиинтелектуализам. Сѐ почесто се соочуваме со отуѓени луѓе и саемот беше обид да почне да се надминува ова. Во таа смисла, тоа што предизвика најголем интерес беа „Костал лајнс прес“ (Coastal Lines Press), колектив кој издава автори од Газа, а на саемот имавме и вклучувања на тројца тамошни автори кои зборуваа за создавање во услови на геноцид. Имаше присуство и од најголемите анархистички издавачки куќи како „Плуто прес“, „AK Прес, „ПМ Прес“, „Актив дистрибушн“, „Маинор композишнс“. Имаше и голем дел самоиздадена литература од Балканот, а од Скопје се најдоа изданијата на „Илика“, „Сказнувалка“, „Арт еквилибриум“, „Партизанска Штампа“, „Скопје колаж колектив“, „Прајвт принт“ и „Контрапункт“. На првиот ден, над 60 маси беа исполнети со книги од над 80 колективи и издавачи, додека на последниот ден можевме да забележиме дека беа скоро сосема испразнети. Глетката на многу другари и другарки со полни торби книги навистина ни ги исполни срцата - изјавија од организациски совет на Балканскиот анархистички саем на книгата за 2026 година.
Не „продаваат“ идеологија
Нивната цел не е да „продаваат“ идеологија. Велат дека се организираат во контекст каде што универзитетите во голема мера ги закопуваат интересите и критичката мисла на студентите, каде што не само книгата, туку и самите движења, колективи и борби и знаења во последно се сѐ поексклузивни и недостапни, а и во голема мера декларативни и непрактични.
- Сметаме дека ова е нешто што мора да се надмине. Но, ова не се случува само во факултетите - во систем на партиски книшки и целокупно отуѓување, најранливи се младите. На саемот, младите луѓе во најголем број беа присутни на концертите, што е очекувано, но ни одговора на едно огромно прашање, на тоа за ескапизмот и културниот живот. Сѐ почесто гледаме многу луѓе што искажуваат интерес, но не се вклучуваат од различни причини. Сѐ повеќе и идејата за „активисти“ е ексклузивна (како да доаѓа со некој прирачник и предуслови, што воопшто не треба да биде така). Не треба проблемот да се гледа во другиот – напротив, треба да се градат мостови и да се поттикнуваат луѓето да си се најдат себеси во просторите кои ги создаваме заедно и во досадните делови и во фрустрирачките делови, и во интересните делови - додаваат од Балканскиот анархистички саем на книгата.
Анархистичкиот саем на книгата, а и самите анархистички колективи, се одраз на привремени заеднички добра, односно се создаваат од нашата заедничка волја да дејствуваме кон подобри општествени услови.
- Лесно е да пишуваме дека младите не сакаат повеќе да читаат, лесно е да се каже дека користат „Чет-ГПТ“ и ВИ колку полесно да се снајдат, лесно е да се каже дека ние пробавме, и тие не сакаат да присуствуваат, но вклучување на младите не треба да е декларативно или ексклузивно. Младите не се една хомогена група и наша задача е да создадеме услови за нивно вклучување. И да си купиле, и да не си купиле книга, се надеваме дека посетителите во најмала рака се здобиле со идејата дека анархистичкото здружување е можен вид на организирана дејност овде. Се надеваме дека слушнале нешто што ги заинтригирало во однос на тоа како секојдневно учествуваме во хиерархиите во општествениот живот и како ги перпетуираме, и дека може да биде поинаку, подобро и послободно. Многу често во Скопје се соочуваме со големо присуство на ескапизам и „whataboutism“ - за да има борба, треба да има волја, одговорност и разбирање. Затоа и малите победи за нас се големи. Колективот Смоква служи за да поттикне интерес кон алтернативен начин на живот, да се разбуди индивидуалната и колективната одговорност и за да материјализираме солидарност. Во овие услови во кои живееме сега е најпотребно да градиме основи, а во иднина и пракса на заемна помош - подвлекуваат од Смоква.
Смоква прослави прв роденден, нивната цел е и понатаму да поттикнуваат луѓе да создаваат и да креираат, но и да бидат солидарни и активни - за борбата против отуѓеноста.
Фото: приватна архива