Древните плочки ги открија тајните: Вака се учело во Вавилон
Во древниот Вавилон учениците морале да совладаат обемен материјал за религијата – од имињата на стотици божества до нивните особини, храмови и ритуали. Нова студија, објавена во научното списание „Ирак“, ги истражи сочуваните глинени плочки за да открие на кој начин тоа знаење се пренесувало во тогашните училишта.
Религијата била длабоко поврзана со секојдневниот живот и политиката на Вавилон, па познавањето на божествата претставувало важен дел од образованието на идните писари, администратори и свештеници. На училиште главно оделе момчиња од аристократски семејства, а верските содржини се учеле заедно со писменоста и другите практични вештини.
Меѓутоа, вавилонското образование немало посебен верски предмет, ниту една света книга врз која би се засновала наставата. Тоа ја поттикна д-р Шана Зеја од Слободниот универзитет во Амстердам да истражи како учениците стекнувале знаење.
Глинените плочки открија што учеле учениците
Зеја ги анализира сочуваните училишни плочки испишани со клинесто писмо. Ги споредуваше задачите од градовите како Вавилон и Нипур, следејќи како лекциите се менувале со напредувањето на учениците. Училишните вежби потоа ги поврза со работите што образовните експерти ги извршувале во текот на своите кариери.
Заклучокот од студијата ги поддржува претходните истражувања според кои не постоел одвоен верски наставен план. Како што наведе Зеја, немало разлика меѓу световното и верското образование.
Учениците го усвојувале знаењето со препишување текстови. Ги повторувале имињата на божествата, нивните особини и називите на светите места, препишувајќи списоци со зборови, химни и приказни. Меѓу задачите биле и долгите листи со божествени имиња.
Наставата се разликувала од град до град
Училишните содржини не биле исти во сите делови на Вавилонија. Одредени задачи ги одразувале локалните традиции и верскиот идентитет на градовите.
Во училиштата во Вавилон акцентот бил ставен на главниот град и неговиот заштитник, богот Мардук. За разлика од тоа, во јужниот град Нипур таквиот материјал главно се изоставувал, а наставата се потпирала врз локалното верско наследство и традициите поврзани со богот Нинурта.
Според студијата, во првиот милениум пред новата ера било важно да се пренесуваат верувањата за централното значење на Мардук и Вавилон. Таквото образование служело, меѓу другото, како поддршка на официјалната идеологија на царството, но и за зачувување на вавилонските религиски и политички вредности за време на владеењето на странските империи, меѓу кои биле Ахеменидската и Селеукидската.
Училишните вежби имале и верска намена
Некои задачи на учениците имале двојна улога. Плочките на кои вежбале пишување понекогаш им ги посветувале на божествата во локалните храмови.
Така образованието ги подготвувало идните писари, советници, научници и свештеници, чие познавање на традицијата подоцна им носело одреден авторитет. Според Зеја, експертите имале значителна слобода да ја приспособуваат традицијата, дури и кога промените се вршеле во име на кралот.
- При внесувањето промени, експертите имале значителна слобода, дури и кога тоа се правело во името на кралот - изјави Зеја.
Резултатите покажуваат дека верското образование во древниот Вавилон не било одвоено од секојдневното школување, туку било вткаено во начинот на кој идните генерации учеле да читаат, пишуваат и да го разбираат светот околу себе.
Фото: magnific