Седум милиони луѓе во Лос Анџелес биле изложени на високи концентрации на олово
Пожарот кој на 7 јануари 2025 година се прошири од кањонот Итон кон Алтадена во Калифорнија создаде огромен облак од чад кој покри околу седум милиони жители на Лос Анџелес.
Нова студија покажува дека воздухот во текот на 24 часа бил заситен со олово во концентрации и до 80 пати повисоки од вообичаените. Тоа е еден од главните заклучоци од истражувањето кое го спроведоа хемичарите од Калифорнискиот институт за технологија (Калтех), пишува „Сајенс алерт“.
Токсичен состав на урбаниот чад
Студијата објавена во списанието „Сајенс адвансес“ открива дека чадот, освен олово, содржел и високи концентрации на хлор, бром, цинк, бакар и арсен. Истражувачкиот тим, предводен од Харула Балиака и Нга Нг, истакнува дека чадот од урбаните пожари носи специфични здравствени ризици во споредба со чадот од шумските пожари. На тоа подрачје изгореа повеќе од 9.000 објекти, вклучувајќи куќи, електроника и возила.
- За разлика од чадот од шумските пожари, кој со децении е во фокусот на истражувањата, овој облак настана од согорување на куќи, возила и инфраструктура. Станува збор за сосема поинакво гориво со посебен хемиски потпис - напиша научниот тим.
Размери на изложеноста на населението
Станицата за следење на квалитетот на воздухот на Калтех во Пико Ривера бележеше податоци за загадувањето во реално време. Квалитетот на воздухот беше најлош во првите два дена од пожарот. Податоците покажуваат дека на 9 јануари околу седум милиони жители биле изложени на концентрации на олово поголеми од 50 нанограми по кубен метар. Вообичаеното дневно ниво на олово во Пико Ривера изнесува просечно 0,6 нанограми по кубен метар.
- Интересно е што бројот на изложени луѓе продолжи да расте како што облакот се ширеше, иако врвните концентрации опаѓаа бидејќи огнот се преместуваше од објектите на ненаселени подрачја - наведуваат Балиака и нејзиниот тим. Слични резултати објави и тимот од Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (УЦЛА) врз основа на податоците од своите мерни станици.
Споредба со пожарите во природата
Истражувачите од Калтех ги споредија податоците со оние од шумскиот пожар кој изби во ненаселеното подрачје Рајверсајд во 2024 година. Во споредба со тој пожар, чадот од кањонот Итон содржел 50 пати поголема концентрација на олово, седум пати повеќе хлор и бром, четири пати повеќе цинк и три пати повеќе бакар и арсен. Многу куќи во Алтадена се изградени во првата половина на 20 век, кога често се користеле оловни бои и бромирани забавувачи на горењето, што би можело да ја објасни токсичноста на чадот.
Непознати здравствени последици и идни ризици
Здравствените последици за луѓето што биле изложени на чадот сè уште не се познати. Научниците ги загрижуваат и долгорочните ефекти од загадувањето кое се таложи на детските игралишта, во сливниците и на земјоделските земјишта.
-Постои итна потреба од епидемиолошки студии кои би ги истражиле здравствените исходи, особено кај децата и другите чувствителни групи - пишуваат Балиака и нејзиниот тим. Познато е дека оловото и арсенот се токсични, но малку се знае за последиците од краткотрајните, но интензивни изложувања на сложени мешавини од хемикалии.
Доказите упатуваат на тоа дека ваквите катастрофи ќе стануваат сè почести.
- Бидејќи климатските промени и ширењето на градовите се причина сè повеќе пожари во урбаните подрачја, прашањето не е дали ќе се случи нова урбана огнена бура. Допрва ќе видиме што ќе научиме од претходните катастрофи и дали системите за следење и итни интервенции ќе можат доволно брзо да се приспособат - предупредуваат истражувачите.
Фото: magnific