Необични празнични традиции во светот
Овие седум традиции од различни делови на светот покажуваат поинаква страна од празничната сезона, онаа што го слави заедништвото, што е попромислена и многу помалку материјалистичка.
Ако сметате дека вистинското значење на новогодишните празници и Божиќ е во купиштата декоративна хартија, погледот кон тоа како се слави празникот во други земји може да биде изненадувачки приземјувачки.
Традициите драстично варираат од место до место, обликувани од историјата, вредностите и климата. Иако подароците се разменуваат во многу земји, ритуалите што ги придружуваат се многу различни.
Исланд: Читање на свеќи по божиќната вечера
Во Исланд издавачите објавуваат голем број нови книги во пресрет на Божиќ - сезонски феномен познат како „Божиќна поплава од книги“. Оваа традиција датира од Втората светска војна, кога книгите биле најпрактичниот божиќен подарок. Денес, таа помага во опстанокот на специјализираната издавачка индустрија во Исланд. Ја зајакнува љубовта кон исландскиот јазик, кој е во опасност од исчезнување, и ги воодушевува љубителите на книги низ целата земја. На Божиќ семејствата разменуваат подароци, јадат божиќна вечера, а потоа ја поминуваат вечерта читајќи нови книги на светлина од свеќи. Често со кутија чоколади и пијалак в рака.

Јапонија: Разгалување на саканата личност
Како претежно нехристијанска земја, Јапонија го слави Божиќ на свој уникатен начин. Наместо семеен празник, Бадник се доживува слично како Денот на вљубените - како романтична вечер за парови. Улиците светат со божиќни светла, а рестораните нудат специјални менија. Луксузните хотели често се целосно резервирани. А божиќната храна е поинаква. Јапонците го слават празникот со курисумасу кеки, лесен слоевит бисквит со крем и совршено исечени јагоди.
Австралија: Играње крикет со семејството
Божиќ во Австралија е поврзан со сонце, храна и семејство. Исто така, тоа е време да зграбите лименка пиво, палка и да се препуштите на една од големите семејни традиции во Австралија - божиќната игра крикет. Сите се поканети и сите возрасти се добредојдени. На тој ден крикетот не е за победа, туку за учество. Правилата варираат од домаќинство до домаќинство, при што некои се понемилосрдни од другите. За оние во постудените региони, останува надежта за подобро време или замена за друштвена игра.
Финска: Посета на предците
Оддавањето почит на починатите роднини е централен дел од финскиот Божиќ. На Бадник, семејствата ги посетуваат гробиштата за да запалат свеќи за најблиските што починале. Иако гробиштата често се полни во ова време, овој момент сè уште се смета за ретка можност за мир и размислување. Посетите на гробиштата често се придружени со уште една ценета финска традиција - семејната сауна на Бадник.
Украина: Прослава на пајаците
Во Западна Украина најтипичната божиќна декорација не е топка или ѕвезда, туку украсена пајажина. Овој обичај доаѓа од Легендата за божиќниот пајак, источноевропска народна приказна во која пајак ја украсува елката на жена која била премногу сиромашна за да си дозволи украси. Утрото таа се буди и наоѓа елка што сјае со сребрени мрежи и од тој ден, нејзиното семејство никогаш повеќе нема да има недостатоци. Украинците прават нежни мрежи од хартија и жица и ги завиткуваат околу елката. Наоѓањето вистински пајак или пајажина на елка се смета за знак на среќа и вообичаено е да не се отстрануваат во овој период.
Данска: Изработка на домашни украси
Денот на „клипе клистре“ - буквално „сечење и лепење“ - е клучен дански ритуал. Домовите, училиштата и работните места низ целата земја организираат работилници за изработка на раскошни венци, плетени ѕвезди и хартиени срца за да се внесе божиќниот дух во училниците, канцелариите и дневните соби. Тоа е можност за дружење и градење чувство на заедница преку креативност, со божиќни крофни, колачиња и греено вино.

Венецуела: На ролерки до црква
Божиќните служби во Венецуела се радосни и честопати многу живи, придружени со ѕвона, петарди, а понекогаш и огномет во пресрет на Божиќ. Но, највпечатливиот обичај е начинот на кој луѓето често доаѓаат на службата: на ролерки.
Оваа традиција е поврзана со одењето на утринската миса, која се одржува помеѓу 16 и 24 декември околу пет или шест часот наутро. Децата си легнуваат рано за да бидат подготвени за службата во зората, додека многу возрасни возат ролерки во текот на ноќта за да стигнат заедно в црква. Тоа е омилен ритуал што го претвора празничниот момент во нешто весело и заедничко.
Извор: forbes.n1info.rs
Фото: Freepik