Незабележан рекорд: Зошто беа лансирани повеќе од 6.000 нови парфеми во 2025 година?

Незабележан рекорд: Зошто беа лансирани повеќе од 6.000 нови парфеми во 2025 година?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Фактите се јасни - економскиот модел на индустријата за парфеми, кој некогаш се сметаше за неоспорен, претрпе револуција. Од крајот на пандемијата на ковид-19 младите потрошувачи сè почесто ги менуваат мирисите за да ги приспособат на својот распоред, да го зачинат љубовниот состанок или едноставно да одговараат на нивното расположение.

Маркетиншките истражувања сега почнаа да го квантифицираат овој тренд. Во Франција повеќе од 50 проценти од мажите на возраст меѓу 18 и 25 години изјавиле дека денес користат парфем почесто отколку пред пет години, според реализираната анкета.

- Тие често избираат парфеми со изразена и силна мирисна трага - изјавил Стефан де Ла Фавери, директор на американската група „Есте Лодер“.

- Во исто време, инфлуенсерите кои се активни на социјалните мрежи, вклучувајќи го и „Тик-ток“, дополнително ја проширија преференцијата за смели мириси, како што се уд, амбра или ноти на банана, ф'стак или топло млеко – вели Арно Гугенбул, директор за маркетинг на швајцарскиот производител на парфеми „Живодан“.

Кина се враќа на мирисите

- Трендот е глобален, особено во Кина, каде што населението, кое беше спречено да користи парфем за време на Културната револуција, сега повторно го открива светот на мирисите - вели Карин Лебре, потпретседател на олфакторната дивизија на „Лореал“.

Во тој процес се рушат и „родовите граници“, додава Гугенбул. Сè повеќе жени се осмелуваат да носат машки мириси и обратно.

Оваа трансформација беше вистинска победа за индустријата.

- Автоматски создаде дополнителни приходи за пазарот – вели Пјер Вуар, специјализиран консултант.

Селективниот сегмент на парфеми, или каналот на луксузни брендови, порасна за 20 проценти за две години и достигна повеќе од 22 милијарди долари (18,7 милијарди евра) во Северна Америка и Европа. Во Соединетите Американски Држави, каде што половина од возрасните користат парфем секој ден, продажбата на престижни мириси се зголеми за 6 проценти во првите девет месеци од 2025 година. Продажбата на парфеми во масовниот сегмент се зголеми за 17 проценти. Овој пораст се прошири и во Кина, каде што, на пример, парфемот „ченс“ на „Шанел“, промовиран од пејачката Анжел, беше голем успех.


- Во 2024 година глобалниот пазар на парфеми порасна за 11 проценти. Во 2025 година растот треба да надмине 5 проценти - вели Сирил Шапуи, претседател на луксузниот оддел од „Лореал“, најголемата групација за парфеми во светот, опишувајќи го секторот на парфеми како „мотор“ што го движи пазарот на козметика.

Шише на секои 30 секунди

Француската група „Коти“ се обидува да го надомести заостанувањето во секторот. Компанијата е длабоко задолжена и треба да претрпи целосна реконструкција на менаџментот на 1 јануари. Најави дека ќе ги продаде своите брендови за шминка, вклучувајќи го и „Римел“, за да се префокусира на парфемите.


Растот на „Шанел“ доаѓа од парфемите, со шише од парфемот „N° 5“ продадено на секои 30 секунди низ целиот свет. Секторот е опишан како „главен двигател на 2025 година“, благодарение на „ченс“ за жени и „блу“ за мажи. За само една година модната куќа отвори 48 бутици кои продаваат парфеми и козметика. „ЛВМХ“, чиј парфем „жадор“ од „Диор“ го изгуби првото место во 2014 година, се најде во дефанзива. 

Извор: forbes.dnevnik.hr

Фото: Freepik