Оваа Нова година скопјани ќе ја пречекаат на градскиот плоштад, а градските власти подготвуваат забава со познати музички имиња како Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски и Два Бона. Дел од нив не биле родени кога првпат бил организиран пречекот на Нова година на плоштад во 1990 година, од страна на редакцијата на некогашниот магазин „Екран“.Таа година списанието „Екран“ го славело илјадитиот број, па идејата била да се сподели прославата со читателите.
Тимчо Апостолов, долгогодишен уредник на „Екран“, за „Факултети.мк“ раскажа како се реализирала идејата која тој како одговорен уредник ја иницирал за првиот колективен пречек на Новата година.
- Ја иницирав идејата за првиот колективен пречек на Новата година на плоштадот во Скопје, а во неговата реализација учествуваа целата редакција и хонорарните соработници. Тогаш, па и денес, едни велеа: времето не е за прослави, а други - на народот му е преку глава од секојдневните проблеми, поскапувања и грижи, па затоа дајте му малку леб и забава! Надвор од овие размислувања, пред нас беше еден историски миг - излегувањето на 1000-тиот број на „Екран“ - првата илустрирана ревија за филм, театар, радио-телевизија, спорт и естрада во Македонија. Дотогаш беа продадени над 30 милиони примероци „Екран“, додека просечниот тираж од осумдесеттите години се движеше меѓу 45.000 и 60.000, а рекордниот тираж на еден број изнесуваше дури 105.000: рекорд кој досега не е надминат - вели тогашниот уредник Апостолов.
Затоа, редакцијата решила во предвечерието на јубилејниот број (11 јануари 1990 год.) да го организира првиот дочек на Новата година на плоштадот во Скопје.
- Затоа што сметавме дека јубилејот на „Екран“ не е само јубилеј на ревијата, туку и на нашите многубројни читатели, артисти, режисери, спортисти, пејачи, радио и ТВ-творци кои преку „Екран“ ја стекнаа својата популарност. Затоа што нашата радост за јубилејот сакавме да ја споделиме со граѓаните, затоа што сакавме и Скопје за новогодишната ноќ да заличи на традиционалните новогодишните прослави на плоштадите во Париз, Њујорк, Рим, Лондон, Сиднеј... Дотогаш колективниот пречек на Новата година во поранешните југословенските центри се одржуваше само во Белград и Загреб, а Љубљана, како и Скопје, реши забавата за преминот од старата кон новата 1990 година прв пат да ја организира на плоштад - се присети Апостолов.
Редакцијата немала големи средства за реализација на таква амбициозна идеја. По почетните разговори со пејачите, кога ја почувствувале нивната одушевеност од идејата и подготвеноста бесплатно да учествуваат на овој историски настан, се охрабриле да ја организираат оваа голема манифестација.
- Уште на почетокот се соочивме со голем проблем - речиси сите пејачи веќе имаа договорени настапи во хотели и ресторани во Скопје и другите градови во земјата, а тоа беше нивна шанса за убава заработувачка... Тоа многу нѐ обесхрабри и ја доведе во прашање реализацијата на идејата.... Но потоа ни дојде спасоносна идеја: направивме список со пејачите и објектите во кои настапуваа во Скопје и им предложивме да доаѓаат на плоштадот кога имаат пауза во рестораните. Поради возбудата дека ќе бидат учесници на првиот колективен пречек на Новата година, тие го прифатија предлогот. Ние со автомобили да ги земавме и ги враќавме пејачите во објектите каде што настапуваат... Такво беше времето, ентузијазмот беше голем... Денес тоа би било невозможна мисија - истакна Апостолов.
Идејата за првиот колективен собир за највеселата ноќ била прифатена и од редакцијата на весникот „Нова Македонија“, требало уште да се убеди претседателот на Собранието на Град Скопје.
- Откако беа подготвени сценариото и финансиските трошоци, заедно со секретарот на редакцијата, Ѓорѓи Гоџовски, и претседателот на Здружението на естрадните уметници, Марио Липша, и Јулија Пишпецка од маркетинг, отидовме на разговор со претседателот на Собранието на Град Скопје и неговиот тим. Тие не ја отфрлија идејата, но имаа голема резерва и скепса дека ќе има успех затоа што граѓаните на Скопје не се навикнати како жителите на големите европски и светски метрополи да ја поминат новогодишната ноќ на плоштадите. Ни велеа: „Тешко дека Македонците ќе ја сменат традицијата Новата година да не ја прославуваат во своите домови или во ресторан за да излезат на плоштад“. И покрај нашите убедувања дека ќе настапат најдобрите пејачи, артисти и комичари, дека првпат ќе обезбедиме огномет во Скопје, тие прогнозираа дека едвај би можеле да собереме две-три илјади посетители. Но, ние верувавме во нашата идеја и од градот баравме само да ни обезбедат струја, сцена, болничка и противпожарна екипа и киосци на кои би се продавале храна и пијалаци - раскажува Тимчо за „Факултети“.
Иако ветил, Градот не обезбедил храна за коњите од клубот „Илинден“ кои со џокеи дефилирале по улиците на Скопје, ниту пак дрва за логорскиот оган. Благодарение на извидниците, овие проблеми биле решени.
- Од Градот не поставија ниту киосци, па граѓаните сами си носеа мезе, варена ракија и вино, и тоа го споделуваа и со оние што беа со празни раце. Печените костени и пченката помогнаа да се намали гладот... Иако температурата беше минус 6 степени, на плоштадот се собраа и останаа до огнометот над 20.000 граѓани. Тоа беше забава која долго остана во сеќавањата на скопјани - се сеќава до детали нашиот соговорник.
Тимчо Апостолов открива дека идејата на „Екран“ да организира пречек на Новата 1990 година на плоштад била насловена „Ајде да се дружиме“, а во таа студена декемвриска ноќ се претворила во вистинска луда, неконвенционална и незаборавна ноќ.
- Забавата почна околу 18:30 часот кога на сцената се качија милениците на најмладите „Шарките и барките“, кои го бараа и го дочекаа Дедо Мраз. Потоа на сцената настапија над триесет пејачи и артисти кои ги подгреаја срцата на граѓаните и ја вжештија атмосферата. Отуѓеноста и осаменоста беа избришани како гума. Највесело, се разбира, беше на полноќ кога Скопје беше осветлено со волшебниот огномет. „Леб и сол“ чукнаа три пати за среќа и здравје на многубројните граѓани со песните „Чукни во дрво“, „Скопје“, „Среќна Нова“.... Кога прозвучеа звуците на песната „Југославијо“, сите заиграа и се фатија во непрегледното оро - раскажува Апостолов.
На прашање дали Скопје заслужува да слави како во 1990 година и дали има капацитет да се мери со престолнини како Загреб, Белград и Виена, Апостолов вели дека Скопје како главен град треба да понуди простор и услови за заедничка прослава, за да можат граѓаните да се дружат и да се веселат, да се фатат на заедничко оро и да пеат.
- Градот може да обезбеди сцена, озвучување, пејачи, стендап-артисти, киосци за храна и пијалаци, странични монтажни мини-трибини (два-три реда за луѓето малку да одморат) огномет.... и голем број редари. На нашиот прв заеднички пречек на Новата година на скопскиот плоштад немаше ниту еден инцидент. Емпатијата се чувствуваше на плоштадот. Луѓето дури делеа од греаната ракија, вино и мезе со граѓаните што ќе ги сретнеа покрај нив... Но, денес политичките и економските поделби на богати и сиромашни, интернетот и телевизијата придонесоа луѓето да се отуѓат, да бидат нервозни, нетрпеливи и агресивни кон другите, така што заедништвото денес е ретко и меѓу станарите од една зграда, а камоли од една улица - потенцира некогашниот уредник на „Екран“.
Јавниот пречек на новите години продолжил и по Екрановиот пречек, но интересот на граѓаните за заедничка прослава рапидно опаѓал од година на година поради лошата организација на градските власти, а понекогаш и поради лошиот избор на забавувачите.
- Интересот се намалуваше поради тоа што немаше редари кои ќе ги спречеа алкохолизираните лица што ги малтретираа присутните со своето однесување и фрлање петарди покрај нив и врз нивните глави. Поради ова, денес тешко може некој со сопругата, децата и другарите да дојде на таква новогодишната забава и најчесто поради скапите цени на новогодишните прослави во ресторан или кафуле – најголемиот дел од нив се определуваат најлудата ноќ да ја минат во домашни услови со главно здодевната и неивентивна телевизиска новогодишна програма - заклучи Апостолов.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.