Во најпаметната земја на светот просечниот IQ е 99,24
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Анализа на порталот „Ворлд оф кард гејмс“ зема предвид низа фактори, вклучувајќи ги бројот на номинации за Нобелова награда, просечниот коефициент на интелигенција (IQ) и процентот на високообразовано население. На врвот на листата се најде Швајцарија.
Оваа планинска европска држава ја надмина конкуренцијата со впечатлив резултат од 92,02 од 100. Швајцарија има 1.099 номинации за Нобелова награда, а просечниот IQ на нејзините жители изнесува 99,24. Дополнително, може да се пофали со највисок удел на возрасни со најмалку основен академски степен - 40,02 отсто, додека 18,05 отсто имаат и магистратура.
На второто место се најде Велика Британија, со вкупен резултат од 89,4. Британците имаат 2.393 номинации за Нобелова награда, просечен IQ од 99,12 и речиси 40 отсто возрасни со факултетска диплома.
САД се најдоа на третото место со резултат од 89,18, најмногу благодарение на 5.717 номинации за Нобелова награда, што е најмногу од сите анализирани земји. САД се и дом на најголем број универзитети со добитници на Нобелова награда (256), додека просечниот IQ изнесува 97,43.
Во првите пет се најдоа и Холандија (четврто место, просечен IQ 100,74) и Белгија (петто место, просечен IQ 97,49). Европските земји доминираат на листата, заземајќи девет од првите десет места.
Интересно е дека Финска има највисок просечен IQ на рангираната листа - 101,20, додека Полска предничи по процент на население со магистерска диплома, дури 22,31 отсто.
Најпаметните земји во светот
1. Швајцарија
2. Велика Британија
3. САД
4. Холандија
5. Белгија
6. Шведска
7. Германија
8. Полска
9. Данска
10. Финска
- Овие рангирања покажуваат како земјите создаваат паметни и способни граѓани преку долгорочни инвестиции во образованието и истражувањето. Најуспешните држави се фокусираат на повеќе области - од универзитети од светска класа до обезбедување што поголем број луѓе да стекнат академски дипломи - вели Холгер Синдбаек, основач на веб-страницата „Ворлд оф кард гејмс“.
- Првото место на Швајцарија покажува како една мала земја може да има голем ефект кога се фокусира на квалитет, а не на квантитет. Силните резултати на европските земји покажуваат дека кога региони инвестираат во образование, придобивките се повеќекратни - додава тој.
„Ворлд оф кард гејмс“ е меѓународна веб-страница, која покрај забавната содржина повремено објавува аналитички текстови базирани на јавно достапни податоци. Истражувањето за најпаметните земји не е академско истражување, туку компаративна анализа која обединува различни статистички показатели во единствен индекс.
Авторите ги користеле податоците за бројот на номинации за Нобелова награда, просечниот коефициент на интелигенција и нивото на образование на возрасното население, попирајќи се на меѓународни бази на податоци и официјални статистики. Врз основа на овие елементи, на секоја земја ѝ биле доделени поени кои служеле за рангирање.
Важно е да се напомене дека ваквите листи имаат свои ограничувања. Поимот „памет“ нема само едно значење, а просечниот IQ, номинациите за Нобелова награда или нивото на формално образование не можат целосно да ја опфатат вистинската способност, креативноста и потенцијалот на населението на една земја.
Резултатите треба да се гледаат како интересен преглед и илустрација на глобалните разлики во образованието и научното влијание, а не како конечна или научно потврдена оцена на интелигенцијата на поединечни нации.
Извор:
Bizlife.rs
Фото: Freepik