X
 03.11.2018 Технологија

Прочитајте колку „ајфони“ продал „Епл“ и зошто веќе нема да ја објавува таа бројка

Во третото тримесечје „Епл“ остварил голем раст на приходите и добивката, но поради послабите процени на понатамошниот раст, цените на акциите на технолошкиот гигант паднаа, па неговата пазарна вредност се симна под илјада милијарда долари.

Според најновиот извештај, приходите на „Епл“ во третиот квартал достигнале речиси 63 милијарди долари, што е за 20 отсто повеќе отколку во истиот период лани.

Притоа, чистата добивка на „Епл“ се зголемила за 31 отсто, на 14,1 милијарди долари.

Покрај растот на добивката и приходите, цената на акциите на „Епл“ падна во четвртокот во продолженото тргување по затворањето на Вол стрит и во еден момент потона за 7 отсто, па технолошкиот гигант на пазарната вредност загуби околу 70 милијарди долари.

Поради тоа, вредноста на највредната технолошка компанија во светот се спушти под илјада милијарди долари.

Тоа е последица на процената на работодавците од компанијата дека во четвртото тримесечје, кога продажбата се зголемува поради божиќните празници, нејзините приходи ќе изнесуваат меѓу 89 и 93 милијарди долари, додека аналитичарите во анкетата на „Ројтерс“ очекувале 93 милијарди.

Во последното ланско тримесечје приходите на „Епл“ изнесуваа 88,3 милијарди долари.

На цената на акциите негативно влијаеше и најавата на компанијата дека ќе престане да известува за бројот на продадени „ајфони“, „ајпади“ и „ајмак“ компјутери.

Аналитичарите велат дека тоа не е добро затоа што продажбата на најважниот производ на „Епл“ - „ајфонот“ - веќе долго време е клучен показател за успехот на кварталното работење.

Без објавување на бројот на продадени „ајфони“, велат аналитичарите, ќе биде невозможно да се пресмета просечната продажна цена на тој паметен телефон.

Од друга страна, од раководството на компанијата порачуваат дека бројот на продадени примероци од телефонот станува помалку важен бидејќи купувачите купуваат производи во пакет, вклучувајќи, на пример, претплата на „Епл Мјузик“.

Фото: Pixabay

Но, тоа не ги задоволи аналитичарите.

- Компаниите обично престануваат да известуваат за метриката кога таа ќе се преврти. Тоа не изгледа добро за „Епл“ - вели Валтер Писек, аналитичар во компанијата „БТИГ рисрч“.

Инаку, „Епл“ во третото тримесечје продал 46,9 милиони „ајфони“, малку повеќе во споредба со 46,7 милиони во истиот период лани, но и помалку од очекувањата на аналитичарите од 47,5 милиони.

Меѓутоа, просечната цена на продаден „ајфон“ во текот на изминатиот квартал изнесувала 793 долари, значително повеќе од оние 750 долари, колку што очекуваа аналитичарите.

Светла точка во извештајот на „Епл“ претставува и растот на приходите од услугите на компаниите за 17 отсто на годишно ниво, на рекордни речиси десет милијарди долари.

Исто така, за 31 отсто се зголемиле приходите на „Епл“ од другите производи на компанијата. Притоа, продажбата на компјутерите се зголемила за 42 отсто, на 5,3 милиони, додека продажбата на „ајпад“ уредите опаднала за 14 отсто, на 9,7 милиони.

Во целата измината деловна 2017/2018 година „Епл“ остварила приходи од 265,5 милијарди долари, што е за 16 отсто повеќе отколку пред една година. Притоа, чистата добивка се зголемила за 23 отсто, на 59,5 милијарди долари.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија