X
 04.07.2022 Технологија

Телескопот „Џејмс Веб“ штотуку ја направи најдлабоката фотографија од универзумот досега

За неколку дена научниците ќе објават невидена фотографија од универзумот, навлегувајќи подлабоко во вселената и откривајќи некои од најстарите ѕвезди и галаксии.

Сликата е една од 10 до 20 фотографии што ќе дојдат од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, истакнатата опсерваторија на небото, на 12 јули, потврдија претставници на НАСА за време на неодамнешната прес-конференција. За неколкуте научници што успеале да ги видат, новите снимки инспирирале длабоки егзистенцијални искуства и некои ги оставиле на работ на солзи, велат тие.

- Станува збор за емотивен момент кога гледате како природата одеднаш открива некои од своите тајни. Тоа не е слика. Тоа е нов светоглед - вели Томас Зурбухен, помошник-администратор на НАСА за научни мисии.

Телескопот беше лансиран од Земјата пред околу шест месеци, на божиќното утро, а сега орбитира околу Сонцето на речиси 1,6 милион километри. Заменик-администраторот на НАСА, Пем Мелрој, поранешен астронаут, рече дека тимот очекува телескопот да работи долго време: „Има доволно гориво за да го поддржи истражувањето во следните 20 години.“

Тест-фотографиите за усогласување на телескопот веќе ја покажаа неспоредливата острина и јасност на инфрацрвениот телескоп. Но, овие претстојни слики ќе бидат први во целосна боја и ќе ги покажат и научните способности на „Џејмс Веб“.

Сликите и научните податоци ќе бидат објавени за време на емитуваниот настан на 12 јули од Центарот за вселенски летови на НАСА „Годард“, во Мериленд. Јавноста ќе може да гледа пренос во живо на ТВ НАСА и на веб-страницата на агенцијата.

Фотографирањето со оваа сложена машина, опремена со четири научни инструменти, е многу сложена операција. Потребни се неколку недели обработка на групи податоци за да се појави конечна слика.

- Кога ќе ги земете податоците, воопшто не изгледаат како слика во боја. Речиси и не личат на ништо - вели Клаус Понтопидан, астроном и научник на проектот „Веб“ во Научниот институт за вселенски телескоп.

Проектот „Веб“, соработка на НАСА, Европската вселенска агенција и Канадската вселенска агенција, ќе набљудува некои од најстарите, најслаби светлини во универзумот. Моќниот телескоп ќе проучува период од 300 милиони години по Големата експлозија, кога се родени многу од првите ѕвезди и галаксии. Научниците ќе го користат и за да ѕирнат во атмосферите на другите светови. Откритијата на вода и метан, на пример - главните состојки на животот - би можеле да бидат знаци на биолошка активност.

Астрономите предвидуваат дека телескопот „Веб“ ќе започне златна доба во нашето разбирање за универзумот. Овој прв вид на космичка слика беше избран за да го покаже телескопот со својот полн потенцијал, а притоа да не ги намали некои од планираните набљудувања планирани за подоцна во годината.

Но, НАСА не открива што друго доаѓа.

1
Фотографијата на „Веб“ мора да го надмине ултрадлабокото поле на телескопот „Хабл“
Фото: NASA/Hubble Space Telescope

Што се подразбира под „најдлабоката“ фотографија досега?


Ако фотографијата на „Веб“ оди подлабоко од она што луѓето досега го виделе, таа мора да го надмине истражувањето на ултрадлабокото поле на вселенскиот телескоп „Хабл“, снимено пред околу 20 години. Познатата, обемна слика покажува речиси 10.000 галаксии со различна возраст, големини, форми и бои.

Во астрономијата, гледањето подалеку се преведува во набљудување на минатото, бидејќи на светлината и другите форми на зрачење им треба подолго време да стигнат до нас. Во длабокото поле на „Хабл“, најстарите видливи галаксии датираат од првите 800 милиони години по Големата експлозија. Тоа е неверојатно ран период во однос на проценетата старост на универзумот од 13,8 милијарди години.

Но, „Веб“ е изграден за да види уште поран период, користејќи многу поголемо примарно огледало од „Хабл“. Еден научник вели дека телескопот е толку чувствителен што може да ја открие топлината на бумбар застанат на Месечината.

Да се ​​знае што има во атмосферата на друга планета е значајно, велат научниците. Составот на атмосферата на Земјата се промени, на пример, кога се појави живот на планетата, откривајќи јаглероден диоксид и азот. Истражувачите мислат дека со проучување на атмосферите, ќе можат да утврдат дали другите планети би можеле да бидат погодни за живот.

vselena
Кога егзопланетите преминуваат пред нивната ѕвезда домаќин, светлината на ѕвездата се филтрира низ таа атмосфера
Фото: ESA, NASA, M. Kornmesser (ESA/Hubble)/STScI

Иако истражувачите не открија која егзопланета ја проучувале, веројатно е дека тоа не е карпест свет како Земјата. Гасните џиновски егзопланети, слични по состав на Јупитер, се полесни за анализа, така што астрономите најверојатно првин целеле една од нив.

Извор: Mashable.com
Фото: ESA, NASA, M. Kornmesser (ESA/Hubble)/STScI
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија