X
 05.05.2020 Наша тема

Личниот контакт со студентите сѐ уште е незаменлив, но предностите од онлајн-наставата не смеат да се потценат

Сигурни сме дека по оваа криза многу работи ќе се променат. Високото образование ќе биде пред голема дилема. Дали по кризата да се врати на традиционалните класични методи на изведување на наставата? Или да се приспособи на времето и да ги искористи можностите и предностите што ги нудат дигиталните трендови? - прашува деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески



Онлајн-наставата е предизвик за високообразовните институции во изминатите речиси два месеца. Некаде наставните програми дозволуваат поголемиот дел од наставата да се одвива онлајн, а некаде поради природата на некои предмети, тоа не е изводливо. Прашавме одговорни на неколку наши факултети со какви предизвици се соочуваат периодов.

За наставниците и студентите на Архитектонскиот факултет од Скопје предизвикот на прекинот на наставата бил препознаен како можност за брза трансформација и дигитализација на дел од наставните процеси и административни сервиси на факултетот, вели деканот Огнен Марина. Како резултат на одличната соработка помеѓу наставниците и студентите преку Факултетското студентско собрание, успеале најголемиот дел од предметите и наставните содржини да ги преселат во дигиталниот свет. 


Логото го изработија студенти на Архитектура


- Наставата на факултетот се реализира со употреба на синхрони и асинхрони методи. Се користат сите расположиви дигитални алатки за онлајн-предавања и споделување наставни материјали, изработката на задачите и проектите и консултациите со студентите. Радува високиот степен на прифатеност и успешноста во користење на дигиталните платформи од страна на наставниците и приспособувањето на наставната содржина, како и максималната партиципација и респонсивност на студентите - вели проф.д-р Марина.

Архитектонскиот факултет веднаш по прекинот на наставата понуди и алтернативни форми на учење, каде што преку програмата „Учи архитектура од фотелја“ на својата веб-страница секојдневно претставува серија снимени предавања на светски архитекти и професори од целиот свет.

- Целта на програмaта е да се задржи интелектуалниот предизвик на учењето архитектура, дури и во периодот на социјалната изолација. Планираме и други форми на интеракција и мобилизирање на интелектуалните и научните капацитети на академската заедница во промислата на новата просторна и општествена реалност создадена со пандемијата и нејзиниот ефект на начинот на кој живееме во градовите и нашите заедници - вели Марина.



Дуев: Нашите домови не се училници, слушални, амфитеатри


Според деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, форсирањето на тезата дека учебната година успешно ќе се реализира со помош на е-настава и е-оценување се должи на големото непознавање на високообразовниот процес во нашата средина, најчесто од лица кои и самите не знаат што значи тоа, ниту пак имаат идеја како би требало да се реализира таквата настава. Постојат предмети во кои е предвидено студентите да одржат 45 часа на училишта, да не зборуваме за медицински, стоматолошки, спортски предмети итн., е-наставата не овозможува реализација на практичната настава и вежби, објаснува Дуев. 



Тој е дециден дека терминот учење од далечина е образование на ученици и студенти кои во одредени случаи не можат физички да присуствуваат на предавањата во слушалните на факултетите и училиштата. Најчесто се користи кога се вклучуваат професори од други земји или градови за да се намалат трошоците, за проектни активности. Но опремата, софтверот и студентите се во училница. Некој студент може и од дома да го следи предавањето на професорот, заедно со своите колеги кои се во училница на факултетот.


- Во овој случај кога глобално и студентите и професорите се во карантин и не може да се користи факултетската опрема, сите наставници се обидуваат на некој начин да организираат е-настава, користејќи ги од дома пристапите до факултетските бази. Сите сме свесни дека сево ова е импровизација бидејќи сите учиме нешто ново, нов вид настава. Јас ја нареков далечинско учење од дома или домашна е-настава, која подразбира сите учесници во образовниот процес да имаат доволно домашен простор, информатичка опрема и интернет-врска. Проблемот е дали овие услови ги имаат сите. Но, и покрај проблемите, овој нов вид настава носи и многу придобивки - многу наставници и студенти ќе се обучат за работа на разни платформи, начин на дигитализација на своите учебници, предавања, истражувања, е-тестирања, користење бази и многу други полезни работи за во иднина. Тоа е можност да направиме голем исчекор во користењето на информатичката технологија во образованието како во сите развиени земји - вели Дуев.


Факултетот оставил можност секој професор преку електронска комуникација да држи настава и консултации, по свој избор да користи платформи приспособени за соодветната предметна програма. 




- Најважно е студентите да ги добијат материјалите за реализација на предметната програма. За да не се губи време, студентите може да се оценуваат за реализираните предметни активности (семинарски, есеи, проектни задачи, макс. 30 бода) по електронски пат, исклучиво ако тоа го дозволува природата на тој вид оценување. Оценувањето на знаењето (макс. 70 поени), полагањето на испитите во летниот испитен рок ќе се реализира во термини што дополнително ќе се одредат по завршување на мерките. Во меѓувреме, обезбедени се пристапи од дома до електронските бази на ФЗФ, а литературата што не е достапна во е-верзија, примерокот од библиотеките се скенира во Деканатот и се препраќа до студентот или професор кому му е потребна. Обезбедена е техничка поддршка за сите наставници и студенти за одржување седници и користење на платформата MS Teams за е-настава и е-учење, која е поврзана со дигиталната база IKNOW на универзитетот, што овозможува лесно вмрежување и поврзување на сите наставниците и студенти - објаснува тој. 


Најважно е сега да бидеме флексибилни, мудри, а и свесни дека во оваа криза сите многу ќе изгубиме - да се обидеме тие загуби да бидат што е можно помали, вели деканот. 

- Ако извлечеме поуки, ќе бидеме подготвени како општество за разни предизвици и во иднина. И да не заборавиме - во оваа криза нашите домови не се училници, слушални, амфитеатри, лаборатории, фискултурни сали, кабинети, канцеларии, туку нашето интимно катче каде што го наоѓаме нашиот мир, од каде што започнува нашата љубов, нашата надеж и нашите соништа. Во овој хаос, еден дел нека биде наше работно место, но останатиот дел мора да биде она што за секој човек означува зборот дом – вели Дуев. 



92 отсто од студентите на Медицина сакаат онлајн-настава


Деканката на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска, споделува дека од сите катедри било побарано да ги испратат теоретските предавања за сите студиски програми за периодот од 11 март до 1 мај и истите по години им биле испратени на студентите преку Microsoft office.




- Секоја недела студентите добиваат и методски единици од практичната настава (прикази на случај, семинарски задачи или друг облик на вежби), а студентите се задолжени обработените вежби да ги достават на е-адресата на своите асистенти/професори. Паралелно со оваа активност беше обезбеден пристап до платформата „Зум“, со што се овозможи интерактивна онлајн-настава. Во соработка со Факултетското студентско собрание беше спроведена анкета меѓу студентите за да се види и нивнoто размислување за начинот и формата на продолжување на наставата. Во анкетата учествуваа 228 студенти, а 210 (92%) од нив се изјаснија дека ќе присуствуваат на онлајн-настава - вели Топузовска.

Студентите на УКИМ се против онлајн-полагање зашто може да има манипулации



Таа додава дека по нормализирањето на состојбата ќе треба да вложат максимални напори за да им помогнат на студентите да ги совладаат и реализираат оние активности од практичната настава за кои во овој момент не постојат услови.


Google Hangout meet е апликацијата што ја користат на Економскиот факултет во Скопје. Само седум дена имало прекин во наставата. Распоредот за изведување на наставата, потребните линкови за нејзино следење, заедно со упатството за користење на апликацијата се објавени на веб-страницата на факултетот.



На Економскиот факултет ја користат апликацијата Google Hangout meet


Уште од првиот одржан час, па сè до денес, е-наставата се одвива без проблеми, вели деканот, проф. д-р Предраг Трпески.
-  Според поголемиот дел од наставниците, таа нуди многубројни предности. Висок степен на задоволство манифестираат и студентите од нивното корисничко искуство од учењето на далечина. Личниот контакт со студентите сè уште е неприкосновен и незаменлив, но дефинитивно предностите од учењето на далечина не треба да се занемарат и потценат. И покрај целиот застој предизвикан од пандемијата, невообичаенава ситуација во која се најдовме ни донесе и можности за учење и развој, односно за суштински промени. Сигурни сме дека по оваа криза многу работи ќе се променат. Високото образование ќе биде пред голема дилема. Дали по кризата да се врати на традиционалните класични методи на изведување на наставата? Или да се приспособи на времето и да ги искористи можностите и предностите што ги нудат дигиталните трендови? Дали интегрирањето на учењето на далечина во класичното студирање можеби ќе биде новата „нормала“? Одлуката ќе зависи од нас и од нашето корисничко искуство во текот на кризата! - вели Трпески.



Кадарот на Градежен факултет на располагање на студентите


Според вон. проф. д-р Златко Зафировски, продекан за настава на Градежен факултет, од клучно значење периодов е да се покаже поддршка, солидарност, колективна одговорност и разбирање.

- Наставниот кадар целосно е ставен на располагање на своите студенти, давајќи сѐ од себе наставниот процес да се одвива без никаков прекин и со висок квалитет. Ги дефиниравме начините на реализација на наставните програми, онолку колку што дозволуваат програмите. Во тој контекст продолживме со образовниот процес со користење видеоконференциски сервиси и платформи за учење. Материјалот за настава целосно се споделува со студентите во форма на скрипти и презентации, задачи, семинарски, проектни задачи со директен контакт преку електронска пошта. Засега делот околу проверката на знаењата остана да се спроведе кога ќе се создадат услови за нормално функционирање. Спроведовме одбрани на дипломски работи, магистерски тези и една докторска дисертација - вели Зафировски. 


На Градежниот факултет користат различни начини за интеракција со студентите. Деканатот набавил лиценца за пакетот Zoom for Education. По избор на наставниците се користат Google Classroom, Piazza, Meet Now, Camvas, Free cam/Mega, посебен софтвер за дигитална табла и freecam 8. 


- Наставниот кадар целосно го прифати предизвикот и целосно се посвети на реализација на програмите. Оваа недела по одредени предмети на факултет почна проверка на знаење, одржување колоквиуми, предизвик кој вреди да се искуси. По секое објаснување на графичките задачи студентите ги доставуваат своите индивидуални програмски и графички задачи до наставниците, асистентите и демонстраторите, па по прегледот и корекциите, го следиме напредокот во текот на семестарот. Голема помош во информирање на студентите ни даваат одговорните претставници од ФСС, кои ни ја олеснуваат комуникацијата, особено кај предметите со многу студенти - објаснува Зафировски. 


Квалитетно образование за градежните инженери не може да се замисли без директна интеракција на наставниците и студентите, додава тој. 


- Факултетот досега учествувал, но и предложил учество и водство на Еразмус+ проекти што се однесуваат на дигитализацијата во образованието. Не сме пионери, но сакаме да бидеме помеѓу првите што ги имплементирале дигиталните алатки во образованието. Имаме искуство, не само во дигиталното образование, туку и во спроведување дигитални пракси, виртуелни посети на компании. Дополнително, оваа состојба е шанса да го приспособиме и административното работење на факултетот согласно современите трендови без користење хартија, што многу ги олеснува животот и работата - вели Зафировски.

Зум-платформата е лесно достапна за сите, а благодарение на раководството на факултетот, сите професори добивме соодветна обука и досега немаме никакви технички недостатоци и проблеми, споделува и Ленче Алексовска-Величковска, декан на Факултетот за физичко образование, здравје и спорт. 

- Вака конципирана настава по физичко образование преку предметот Спорт и здравје е во согласност со современите програмски активности присутни во странските високоразвиени образовни установи, како и искуства во смисла на важноста на физичката активност за студентската популација. Процесот на едукација не смее да застане. Организацијата на часот во воспитно-образовниот процес се темели на определени дидактички принципи и методи на работа, кои се почитуваат во сите фази на наставниот процес - вели деканката. 
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема