X
 09.05.2017 Култура

Зошто поранешна Југославија ја одбила понудата за членство во ЕУ?

На 15 годишнината од распаѓањето на Југославија, во јануари 2007 година поранешниот претседател Киро Глигоров зборуваше за тоа како војната би можела да се избегне, доколку не би постоела суетата и личните амбиции на лидерите на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туџман. Слично размислуваа и други странски политичари и аналитичари, а денес сите се прашуваме што ќе се случеше ако претседателите на републиките тогаш пи ја прифатиле познатата понуда за брзо влегување во ЕУ и помош од 5 милијарди.

Дали планот кој во Белград го донела „европската тројка“ навистина можел да ја спаси државата од граѓанска војна и да ја сврти историјата на овие простори во некоја друга насока? Многу учесници на овие случувања години подоцна изјавиле дека таа не била сериозна понуда. Според Киро Глигоров, пред самото распаѓање на Југославија како последен обид да не дојде до војна помеѓу републиката, во Белград дошла „тројката од европската заедница“. Жак Делор, претседател на Европската комисија, Ханс Ван ден Брук и министерот за надворешни работи на Луксембург, Жак Сантер, од земјата која во тој момент претседавала. Тие ги собрале членовите на претседателството и избраните претседатели за да им го претстават планот.

„Жак Делор прочита предлог кој бил одобрен од страна на Советот на ЕУ. Прво, со политичка одлука Југославија веднаш ќе биде примена во ЕУ. Второ, доколку успее реформата на Анте Марковиќ, ќе добие од буџетот на ЕУ 5 милијарди долари. Но тогаш се покажаа неразумните односи меѓу претседателите на републиката - ако едниот каже А, другиот вели Б“, изјавил Глигоров во 2007 година.

Тој истакнал дека чувствува дел од одговорноста бидејќи бил во тој тим.

„Не можевме никако да се согласиме. Јас не спаѓам меѓу оние луѓе кои сметаат дека сѐ што беше поврзано со Југославија беше погрешно и лошо. Има и резултати. И тие работи треба да се издвојат. Делор тогаш ни рече дека секоја република која сака да биде независна треба да оди на референдум, и ако тоа го потврди народот, таа ќе биде примена во ОН“, вели Глигоров.

Воглавно, понудата од ЕУ се толкувала како понуда која би следела и конфедерално уредување на државите, а Глигоров вели дека постоела и иницијална идеја за референдум за независност на републиките. Според неговото сведочење, двајцата претседатели на Србија и Хрватска не го прифатиле планот на Делор.

„Милошевиќ рече: „Мислам дека треба да создадеме цврста и модерна федерација со центар во Белград“, а после него следуваше Туџман: „Јас чувствувам дека имам историска мисија - да го обновиме хрватското царство. Имавме држава, а сега треба да ја вратиме. И тоа не ме интересира“. Алија Изетбеговиќ рече: „Ве молам, немојте така, ајде да прифатиме како основа за разговор, па ќе има други сугестии. Ако не се случи тоа, во Босна ќе има крв до колена“, се сеќава Глигоров на состанокот со тројката на ЕУ.

Доколку планот бил прифатен, според Глигоров, работите на Балканот би отишле во сосема друга насока. „Ако поранешна Југославија останеше цела, избегнувајќи ги катастрофалните војни во 90-те и влезеше во ЕУ, не само што на луѓето во регионот би им било подобро, туку и за ЕУ би било подобро“, бил заклучокот на тимот на проектот на Германското друштво за надворешна политика.

Меѓутоа, еден од луѓето кои биле присутни на средбата со Тројката на ЕУ, поранешниот словенечки претседател, Милан Кучан, смета дека меѓународната заедница за време на југословенската криза правела погрешни чекори.

Според него, меѓународната заедница предоцна започнала да се занимава со југословенската криза - од денешна историска логика, Југославија немала перспектива.

„САД и ЕУ не се обидоа да ја спасат Југославија во момент кога беше јасно дека внатрешните противречности и процесите на дезинтеграција отидоа предалеку, така што државата во која некој од народот не ја гледал својата иднина фактички повеќе не постоеше“, вели Кучан. На прашањето дали парите во износ од 5.5 милијарди долари од ЕУ, како и понуда за членство на Југославија во ЕУ непосредно пред прогласувањето на словенечка независност, би ја спасиле Југославија од распаѓање, Кучан вели дека тоа не би помогнало.

Тој наведува дека понудата била одбиена бидејќи заострените односи во Југославија барале многу повеќе од економска реформа, а тоа биле длабоки политички реформи и нов договор помеѓу југословенските републики во дефинирање на смислата и принципот на заеднички живот, формата и функционирањето на заедничка држава.

„Беше потребен договор кој би гарантирал целосна рамноправност на народот на Југославија и почитување на човековите права. Милијарда долари не можеа да бидат замена за неспособноста и неподготвеноста на политичкото раководство за ваков договор, кое можело да го спречи насилното распаѓање на земјата и крвавата војна“, вели Кучан.



Извор: Недељник
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура