X
 10.04.2019 Живот

Дали и вие сте зависни од вакво „губење на времето“?

Во САД неодамна беше спроведено истражување за односот на луѓето кон социјалните мрежи и покажа интересни трендови во врска со најпознатите мрежи и технологии. Резултатите од истражувањето, спроведено од Ен-би-си њуз и „Вол стрит џурнал“, покажале дека Марк Закерберг не ја исполнил својата мисија кога минатата година најави дека целта на „Фејсбук“, па и по цена на губење на корисниците, односно времето поминато на мрежата, ќе биде насочувањето кон корисниците и нивна подобра поврзаност со блиските корисниците и пријателите на „Фејсбук“.

Повеќе од половина испитаници сметаат дека социјалните мрежи влијаат врз разделувањето наместо поврзувањето на луѓето и дека преку социјалните мрежи повеќе се шират лаги наместо вистински информации, а повеќе од 60 отсто од нив не му веруваат на Марк Закерберг, ниту на „Фејсбук“ кога станува збор за заштита на личните податоци. По турбулентната и катастрофална година за „Фејсбук“, овие резултати се очекувани. Односот кон „Фејсбук“, „Твитер“, „Инстаграм“, „Снапчет“ и други платформи се разликува кога станува збор за помладите корисници, па така помал број од нив веруваат дека социјалните мрежи ги раздвојуваат и дека преку нив се шират лажни вести.

мрежи
Фото: Getty Images


Можеби најинтересен дел од ова истражување е мислењето за социјалните мрежи и губењето време - 82 отсто од испитаните сметаат дека социјалните мрежи се насочени кон губење време на корисникот, додека само 15 отсто од испитаниците изјавиле дека времето што го поминуваат на „Фејсбук“, „Твитер“ и на другите мрежи е корисно. Но, без оглед на тоа што повеќето луѓе се свесни дека само губат време што би можеле да го потрошат покорисно, речиси 70 отсто од нив ги користат социјалните мрежи најмалку еднаш дневно.

Иако немаат подобро мислење за социјалните мрежи, Американците имаат позитивен став кон технологијата и речиси 60 отсто од испитаниците ги укажуваат придобивките, додека 36 отсто од испитаниците велат дека технологијата носи повеќе негативни страни, а како најлоша ја издвоиле замената на човечката сила со роботите.

Што се однесува до иднината, и тука се оптимисти - 60 отсто од Американците веруваат дека промените што ќе ги донесе технологијата ќе бидат позитивни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот