X
 11.07.2019 Здравје

Бактерија поврзана со болнички инфекции се појавува во месо

Бактерија поврзана со болнички инфекции се појавува и во необработено месо, покажува нова студија на истражувачката компанија „ИС Глобал“.

По проучувањето на 138 примероци месо од маркети во Лима, Перу, резултатите покажале дека необработеното месо може да служи како резервоар за тие патогени бактерии. Истражувачите проучувале примероци на месо од живина, свинско и говедско, кои случајно биле одбрани од шест маркети во Лима. Истражувачите пронашле 12 случаи на бактеријата Acinetobacter од пет различни примероци на говедско кои се продавале во два маркета, кои не биле меѓусебно поврзани.

Бактеријата Acinetobacter стана голем проблем во болниците низ светот затоа што таа е способна да стекне резистентност на антимикробиолошки лекови и на средства за дезинфекција. Но, истата бактерија се појавува во храна и животни од кои се прави храна, дејствувајќи како потенцијален извор на инфекција за луѓето и зголемувајќи ги загрижувањата.

- Идентификувањето на бактеријата од АЦБ-група во примероци месо е загрижувачка затоа што овие видови обично се наоѓаат во клиники. Иако сите пронајдени бактерии беа осетливи на клинички релевантни антибиотици и нивната општа распространетост беше ниска, овие резултати сугерираат дека необработеното месо може да претставува резервоар за трансмисија на бактеријата до луѓето - истакна Игнаси Рока, истражувач и координатор на студијата.

Според „ИС Глобал“, резултатите од студијата го потенцираат фактот дека бактеријата што ги заразува луѓето може да се пренесе преку храна која е контаминирана.
Како резултат на тоа, истражувачите повикуваат на соработка меѓу службите за здравствена заштита на луѓето, животните и оние за заштита на околината во рамките на приодот наречен „Едно здравје“.

Овој приод, кој е поддржан од Светската здравствена организација, повикува на создавање и имплементација на програми, политики, закони и истражувања во кои повеќе сектори ќе работат заедно за постигнување подобри резултати во однос на здравјето во целиот свет. Во рамките на безбедноста на храната, особено е кoрисно да се контролираат болестите што се шират меѓу животните и луѓето и да се бориме со резистентноста на антибиотици.

- Многу од истите микроби ги инфицираат животните и луѓето бидејќи тие ги делат екосистемите во кои живеат. Напорите на само еден сектор не можат да го спречат или елиминираат проблемот - стои на страницата на СЗО.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје