Генералниот секретар на Социјалдемократската младина на Македонија, Трајче Нешковски, вели дека една од мерките за намалување на младинската невработеност е Гаранцијата за млади, пилот-проект кој почнува
- Потребен ни е закон за млади кој ќе овозможи подобри услови за младите, да учат и да работат во својата земја, дефинирање на младинското учество во процесите на носење одлуки, а наједноставно речено, пишуваме закон за млади кој треба да биде применлив и да осигури стабилна сегашност и просперитетна иднина за сите млади во својата земја – вели генералниот секретар на Социјалдемократската младина на Македонија, Трајче Нешковски.
Во интервју за Факултети мк., како млад лекар, вели дека целта му е да остане и да работи во Македонија, но прво треба да се врати надежта кај младите луѓе.
Отпочнат е процес на креирање закон за млади. Идејата е да се креира закон кој ќе ги третира нерегулираните аспекти кои се од значење за подигнување на квалитетот на живот на младите, младинското учество и организирањето на локално и на национално ниво, младинските политики... Каков закон ни е потребен?
- Потребен ни е закон за млади кој ќе го пишуваат младите. И токму тоа се случува. Законот е во процес на креирање од страна на посебно формирана работна група, иницирана од Агенцијата за млади и спорт, а учесници се и претставници од младинските организации и политичките подмладоци, Собранието на Република Македонија, Владата и надлежните министерства и на донаторските меѓународни организации. Со вклучувањето на сите засегнати страни и активни чинители на полето на младинскиот активизам се воспоставува една нова практика во Македонија. Направен е распоред за консултативни средби по повеќе градови. Покажуваме дека инклузивноста, отвореноста и соработката со младите не биле само „изборни пароли“, туку вистински вредности за кои постојано се залагаме.
Потребен ни е закон кој ќе овозможи подобри услови за младите, да учат и да работат во својата земја, дефинирање на младинското учество во процесите на носење одлуки, а наједноставно речено, пишуваме закон за млади кој треба да биде применлив и да осигури стабилна сегашност и просперитетна иднина за сите млади во својата земја.
Какви предлози испрати Социјалдемократската младина на Македонија за овој предлог-закон?
- Како Социјалдемократска младина на Македонија (СДММ) се фокусиравме да дадеме предлози и насоки во однос на зголемувањето на младинското претставување, повеќе простор за младите да го афирмираат својот став и своето мислење, но значајни препораки се испратени и во делот на развивање и утврдување на практичната работа и вработувањето на младите, како гаранција да останат во Македонија.
Едни од најгорливите проблеми на младите денеска се невработеноста и беспарицата, поради што многумина не гледаат иднина во оваа земја. Тоа е и причина за миграцијата во странски земји. Како, според Вас, може да се спречи тоа?
- Во изминативе години, за жал, Македонија држеше високо место, со стапка од над 53% младинска невработеност според Светска банка, како и со над 70% од младите што се гледаат надвор од нашата земја. И ќе бидам искрен, овој проблем, одливот на млади мозоци, нема да се реши преку ноќ. Да ја оставиме политиката настрана, но болно е кога гледам како моите врсници ја напуштаат Македонија. Голем дел од нив се решиле на ова како резултат на беспарица и невработеност, но уште поалармантно е што млади луѓе си заминаа поради општествени околности, актуелни политички случувања кои ги демотивираа. Во Македонија колабира системот на вредности, а метастази пуштија корупцијата, непотизмот и лошото владеење. Е, сега мора да направиме „рестарт“, да почнеме од ново, не со оправдувања, туку со конкретни мерки и чекори.
Ќе бидам конкретен. Една од мерките за намалување на младинската невработеност е Гаранцијата за млади, пилот-проект кој почнува, а ќе овозможи квалитетна понуда за работа, продолжување на образование/обука или практиканство за младите
(во прилог е формата за пополнување).
Поддршката на креативните млади луѓе и нивните идеи исто така е приоритет. Тука огромна помош дава Министерството за финансии преку грантови за иновативните бизнис-идеи.
Потребно е да ја вратиме надежта кај младите луѓе. Да знаат дека може и мора подобро, а заедно, како сојузници и партнери сме посилни во реализацијата на целите.
Таканаречениот одлив на мозоци, односно иселувањето на младите, паметни луѓе кои економска перспектива и кариерен развој бараат на друго место е исто така голем проблем. Заминуваат млади инженери од техничките и компјутерските области, медицинските науки... Тешко дека ќе ги вратиме, но како да ги мотивираме другите да останат?
- Јас доаѓам од медицината. Ако ми верувате, секојдневно мои колеги од Медицинскиот факултет одлучуваат да ја напуштат Македонија и бегаат за Словенија и за Германија затоа што кај нас докторите, но и сите други беа ниско платени, шиканирани и етикетирани.
Задолжително се потребни мобилизација и „крепење“ на Македонија во повеќе области. Како што реков и претходно, повисоките плати ќе ги мотивираат младите да останат тука, но тоа не е и не треба да биде единствен критериум. Треба да дејствуваме интегрирано и сеопфатно во сферата на образованието, економијата, културата, безбедноста, но и да овозможиме повеќе простор за младите, како и шанса за поголема самостојност, финансиска независност, со цел побогат социјален живот.
Станува збор за комплетно подобрување на системот, секој орган е значаен дел од „синџирот“.
Младите во помалите градови и во руралните средини речиси и да немаат услови за културно-забавен живот. Какви мерки предлагате за заживување на овие места?
- Малите места се целосно опустошени. Најпрвин, потребна е поголема поддршка за малите општини, градови, од страна на државата, да се насочат повеќе буџетски средства и проекти во овие места. За каков културен живот да зборуваме за младите во Делчево или во Пехчево (да не ме сфатите погрешно), кога најголемиот број млади луѓе од овие општини веќе не се ни во Скопје, туку работат на прекуокеански бродови низ светот!?
Значи, важно е малите градови финансиски „да застанат на нозе“, да се отворат работни места, а токму целта и на Гаранцијата за млади е младите да останат во своите родни места.
Што вие како млади сили на политичка партија правите за младите во оваа земја?
- СДММ во изминатиот период покажа и докажа дека е политички подмладок кој има капацитети да напише сериозна програма за млади, да понуди квалитетни и одржливи решенија, но и да комуницира со сите, со идејни истомисленици, но и со политичките опоненти.
Сметам дека помина времето кога подмладоците се „натпреваруваа“ во бројот на членови и активисти. Залудни ни се тие бројки кога имаме црна статистика на млади луѓе што ја напуштиле Македонија.
Затоа предизвикот е голем. Социјалдемократската младина има цел да го врати ентузијазмот кај младите. За ова, потребна ни е поддршка и соработка со сите млади луѓе независно од која политичка опција доаѓаат.
Сега сме активно вклучени во повеќе процеси за спроведување на политиките за млади и будно ги следиме сите околности што ги погодуваат младите луѓе во нашата земја.