X
 14.12.2021 Култура

„Белфаст“ и „Моќта на кучето“ со најмногу номинации за „Златен глобус“

Автобиографскиот филм на сер Кенет Бран - „Белфаст“ и „Моќта на кучето“, со Бенедикт Камбербач во главната улога, имаат најмногу номинации за „Златен глобус“.

Двете остварувања се во конкуренција за награди во седум категории, меѓу кои и најдобар филм.

„Златниот глобус“, заедно со „Оскарите“, традиционално е најгламурозната награда, но нема да се емитува на телевизија.

Ен-би-си се откажа од емитувањето поради низа контроверзии, а едно од главните обвинувања е дека нема различност меѓу членовите на жирито. Претходно годинава беше откриено дека ниту еден од 87. члена на организацијата зад наградите - Холивудското здружение на странски новинари (HFPA) - не е Афроамериканец.

Коалицијата од 100 холивудски пиар-фирми ја обвини организацијата за дискриминација, непрофесионализам, неетичност и наводна финансиска корупција, велејќи дека ќе ги советува ѕвездите што ги претставуваат да не соработуваат со HFPA.

Членството и правилата на HFPA се сменија, но останува да се види дали некој од номинираните годинава ќе се пензионира поради контроверзии.

guci
Фото: Screenshot/YouTube

Кој е номиниран?


Кенет Бран има две номинации за филмот „Белфаст“, црно-бел филм за неговото детство во Северна Ирска - за најдобар режисер и најдобро сценарио.

Бенедикт Камбербач и Кирстен Данст се номинирани за актерски награди за филмот на Нетфликс - „Моќта на кучето“, додека Џејн Кемпион ќе се натпреварува против Бран за наградата за сценарио и режија.

Вил Смит е номиниран за улогата на таткото на тенисерките Вилијамс во филмот „Крал Ричард“, Кристен Стујарт за улогата на принцезата Дијана во филмот „Спенсер“, а Лејди Гага за улогата во филмот „Гучи“.

Во конкуренција се и Оливија Колман, Џенифер Лоренс, Ема Стоун, Леонардо ди Каприо, Ендрју Гарфилд, Дензел Вашингтон и Никол Кидман.

„Златен глобус“ се доделува и за серии, па „Наследници“ има пет номинации, а потоа следуваат „Утринското шоу“ и „Тед Ласо“ со по четири.

Кандидати за најдобар филм

„Белфаст“ - 7
„Моќта на кучето“ - 7
„Не гледај нагоре“ - 4
„Кралот Ричард: Предност во играта“ - 4
„Ликориш пица“ - 4
„Приказна од западната страна“ - 4

Номинирани серии


„Наследници“ - 5
„Утринското шоу“ - 4
„Тед Ласо“ - 4
„Допесик“ - 3
„Големите“- 3
„Хекс“
„Слугинката“ - 3
„Само убиства во зграда“ - 3
„Поза“ - 3
„Игра со лигни“ - 3

ligni
Фото: Screenshot/YouTube

Која е причината за контроверзиите?

Минатиот февруари „Лос Анџелес тајмс“ откри дека нема афроамерикански членови и предложи гласачите да бидат охрабрени со промоции и бесплатни програми на продукциските компании.

Хаосот што настана го принуди Том Круз да ги врати трите „Златни глобуси“ во знак на протест, а Скарлет Јохансон да повика на „суштинска промена“.

Како одговор, HFPA презеде некои чекори - за зголемување на различноста, ангажира 21 нов член.

Тие назначија официјален претставник за различности и ги испратија членовите на курсеви за еднаквост и инклузија.

Формиран е нов надзорен одбор и потпишан е петгодишен договор за партнерство со Националната асоцијација за унапредување на луѓето со друга боја на кожа (NAACP).

Каква ќе биде церемонијата?


„Златните глобуси“ традиционално се првата голема церемонија на сезоната на награди и се сметаат за еден вид предвесник на она што може да се очекува од „Оскарите“.

На церемонијата на доделувањето на „Златниот глобус“ секогаш има многу ѕвезди, а атмосферата често е порелаксирана отколку на „Оскарите“.

Имињата на победниците ќе бидат објавени на 9 јануари - но настанот нема да се емитува на телевизија.

- Изгледа дека оваа церемонија нема да ја водат некои познати личности - изјави Хелен Хене, претседателка на Холивудската асоцијација на странски новинари.

Извор: BBC
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура