X
 15.08.2018 Живот

ЕУ го укинува поместувањето на часовникот?

Европската комисија ја отвори темата за летното сметање на времето, односно за укинување на поместувањето на часовникот во сите земји на Европската Унија, кое ќе трае до утре. За тоа можат да се изјаснат сите европски граѓани преку онлајн-прашалникот на официјалната страница на ЕК.

Имено, застапниците во Европскиот парламент уште во 2017 година објавија истражување за позитивните и негативните влијанија на летното сметање на времето и во февруари упатија повик до Комисијата за темелна анализа на Директивата која го пропишува поместувањето на часовникот. Комисијата се обврза да ги процени двете главни опции - задржување на сегашното летно сметање на времето или укинување на поместувањето на часовникот двапати годишно во сите земји-членки.

Ваквата одлука не би влијаела врз избирањето на временските зони, а секоја членка и понатаму сама би одлучувала дали трајно ќе го задржи летното или зимското сметање на времето или, пак, би се определила за трета опција.

Со Директивата 2000/84/ЕZ од 19 јануари 2001 година е утврдено ЕК на секои пет години да објавува соопштение во кое дава распоред на датуми кога ќе почнува и завршува летното сметање на времето во следните пет години. Со ваквиот законски пропис Комисијата сака да ги обврзе сите земји-членки на еднакво сметање на времето за да осигури функционирање на единствениот пазар. Тоа најмногу се однесува на фреквентната логистика и комуникација, со оглед на тоа дека неусогласеното сметање на времето меѓу земјите би го отежнало планирањето на летовите и возните редови на возовите и на автобусите за туристите и организаторите на патувањата.

Самата идеја за летно сметање на времето му се припишува на американскиот физичар Бенџамин Френклин, кој уште во 1784 година заклучил дека подоброто усогласување на човечките активности со дневната светлина би можело да донесе заштеда на енергија. Летното сметање на времето било воведено во цела Југославија во 1983 година.

Денес тоа се применува во повеќе од 60 земји во светот, а најраспространето е во Европа, Северна Америка и Океанија. Поточно, Исланд, Русија, Белорусија и Турција се единствените европски земји чии граѓани не го поместуваат часовникот два пати годишно. Русија се одлучи за стандардно сметање на времето, а Турција во 2016 година се префрли на летно сметање на времето.

Фото: Pixabay

Да разјасниме, различните преференции за сметањето на времето се појавуваат поради различните географски позиции на земјите. Во северните земји денот во текот на летните месеци е подолг, а летното сметање на времето го одложува заоѓањето на сонцето. На пример, во Хелсинки се стемнува во околу 23 часот, но сонцето излегува уште во околу 3:30, а слично е и во другите северозападни градови. Поради таа причина, дури 70.000 Финци потпишаа петиција за укинување на летното сметање на времето.

Од друга страна, туристичките острови, на пр. Балеарските, сакаат трајно да се префрлат на летно сметање на времето бидејќи би профитирале од дополнителни часови светлина.

Така, ако се одлучи секоја земја да одбере дали сака да има зимско или летно сметање на времето, тие промени би биле некоординирани, со што би се поништила главната цел на Директивата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот