X
 22.09.2016 Култура

Хипици пред хипиците: цивилизацијата од долината на реката Инд



Цивилизацијата на Индусите

Сите досегашни откритија покажуваат дека цивилизацијата од долината на Инд била далеку пред своето време. Вдолж течението на реката, во просторот меѓу Тибетската висорамнина и бреговите на Арапското Море, живееле жителите на одамна исчезнат народ, во добро планирани градови, од кои најпознати се Харапа и Мохенџо-даро, и се смета дека го достигнале процутот во 2600 година п.н.е. 

Археолошките ископувања откриле добро осмислена патна инфраструктура со канализациски систем, дури и водовод спроведен до домаќинствата, предвидени да им користат на 40 илјади луѓе. Предмети со стандардизирани отпечатоци се смета дека се користеле како валута, бидејќи исти такви биле откопани во далечни земји, како на пример, Блискиот Исток, што укажува на развиени трговски врски.

Меѓутоа, најголемиот напредок на оваа цивилизација, што ги опфаќала териториите на денешни Пакистан, Индија и Авганистан, бил во сферата на либералните мисли и идеи. За илустрација, фактот што ниеден од откопаните градови не бил утврден, и без знаци што би укажувале дека се користело борбено оружје, укажува дека овој народ воопшто не бил воинствен.

Истовремено, не биле откопани ниту кралски тврдини ни храмови, и ниеден од досега откриените артефакти не покажува дека цивилизацијата ја преводел(е) водач(и). Напротив, се чини дека на овој простор единствено владеела комплетна еднаквост помеѓу луѓето и сите биле на исто ниво на благосостојба и богатство.

Сепак, многу прашања остануваат отворени, а кои би можеле да значат уривање на илузијата за ова идеално општество. Најголемата пречка што се појавува на „патот“ на истражувачите е тоа што не можат да го дешифрираат нивниот јазик и се оневозможени да ги преведат пронајдените текстови. Овој факт го интензивира сомнежот за беспрекорниот живот на народот покрај Инд.

Дополнително, поранешниот директор на Британскиот музеј, Нил Мек Грегор, отсуството на светилишта и гробови на владетели смета дека се должи на фактот што древните цивилизации не ги погребувале, туку ги кремирале телата на мртвите.

Се смета дека Индусите исчезнале пред околу 4000 години, но не се знае која била директната причина за нивното ненадејно снемување, само се претпоставува дека до тоа довеле климатските промени, конкретно појавата на суша, на што укажуваат геолошките записи.


Цивилизацијата на Индусите
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура