X
 19.01.2017 Економија

Економската глобализација не е причина за светските проблеми


Илустрација: Часовник и ерва банкноти

Со обраќањето на кинескиот претседател Кси Џинпинг во Давос, почна 47. Светски економски форум, што ќе се одржува во овој швајцарски град до 20 јануари, јавува Anadoly Agency (AE).

На состанокот присуствуваат повеќе од три илјади бизнисмени, политичари, академици и претставници на невладини организации од повеќе од стотина земји.

Кси зборуваше за глобализацијата и потсети дека науката и технологијата напредуваа и дека степенот на цивилизација се зголемува.

„Живееме во свет на спротивставености. И покрај сите позитивни напредоци, кон неизвесноста придонесуваат регионалните конфликти, тероризмот, мигрантите, сиромаштијата, невработеноста и неправедната распределба на приходите“, истакна Кси Џингпинг.

Тој потсети дека за проблемите и хаосот на денешниот свет прстот се насочува кон економската глобализација.

Претседателот на Кина потенцираше дека економската глобализација не е причина за светските проблеми и дека со постигнување мир и со договарање можат да се решат проблемите во Африка и на Блискиот Исток, како причина за сегашниот бегалски бран.

Исто така, тој истакна дека економската глобализација не е одговорна за меѓународната финансиска криза, туку одговорноста треба да се бара во финансиските пазари.

Тој потсети дека економската глобализација придонесува кон развојот, размената на стоки, но и на комуникациите, науката, технологијата и цивилизацијата.

„Економската глобализација предизвика нови проблеми, но не можеме заради нив да ја избришеме глобализацијата. Треба да се адаптираме кон неа, да ги намалиме нејзините негативни влијанија и на сите народи и земји да ги пренесеме бенефитите од неа“, порача Кси.

Тој нагласи дека и Кина имала сомнежи околу економската глобализација, но дека со правилни стратешки одлуки и со храбри чекори се појавила на глобалниот пазар.

Тој зборуваше и за протекционизмот, економската политика на заштита на производството, и притоа истакна дека не треба да се бега од проблемите: „Треба да се востанови рамнотежа за луѓето и земјите да можат да ги почувствуваат бенефитите од економската глобализација“, потенцираше претседателот на Кина.

Исто така, тој смета дека глобалниот финансиски пазар треба да биде поотпорен на ризици.

Давос за првпат беше домаќин на највисокиот врв на Кина, што пристигна со делегација што брои над 100 членови.

На самитот со главна тема „одговорно лидерство“, ќе бидат организирани повеќе од 400 сесии.

На Светскиот економски форум ќе се разговара за многу актуелни прашања, меѓу кои се конфликтите во светот, особено во Сирија. Фокусот на овогодишниот самит ќе биде зајакнувањето на деловната соработка, оживувањето на економскиот раст, капиталистичките реформи и слично.

Се очекува учество да земат повеќе од 30 претседатели и премиери, а освен кинескиот претседател ќе присуствува и британската премиерка Тереза Меј, потпретседателот на САД, Џо Бајден, претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, претседателот на Украина, Петро Порошенко, како и заменичката на рускиот премиер, Ола Голодец.

На самитот ќе присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, генералниот директор на СТО, Роберто Азеведо, претседателката на ММФ, Кристина Лагард, претседателот на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол, високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, генералниот директор на Меѓународната организација за миграција, Вилијам Лејси Свинг, и многу други.

Во Давос се преземени високи мерки на сигурност, полициски хелихоптери летаат над градот, а швајцарските безбедносни сили ги проверуваат сите лица и патници. Заради можни протести на поддржувачите на антиглобализацијата, откажан е железничкиот сообраќај на релацијата Давос-Цирих.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија