X
 26.06.2017 Уметност

Во Франција отворена голема изложба на делата на Пикасо

Во градот Ландерно во Бретанија, на западот на Франција, е отворена изложба „Пикасо од Пикасо“, на која се изложени 200 дела од шпанскиот уметник Пабло Пикасо.


Делата кои уметникот ги чувал по различни ателјеа и кои ги има неколку илјади, ги наследила неговата сопруга Жаклин Рок, која ги позајмувала за изложби се до нејзината смрт во 1986 година. Таа улога ја презела нејзината ќерка Катрин Итен, која ја организирала сегашната изложба.

Делата се претежно уметнички слики, цртежи и скици, но има и илустрации за книги и предмети од керамика. Изложбата трае до 1 ноември.

Пикасо бил сестран уметник – сликар, вајар, графичар, најголем во 20 век, кој поминал половина од својот живот во Франција. Пикасо, заедно со Жорж Брак, е еден од основачите на ликовниот правец кубизам.

Пабло Пикасо се смета за најплодниот сликар на сите времиња. Според Гинисовата книга на рекорди, направил околу 13.500 слики, 100.000 графики, 34.000 илустрации за книги и 500 скулптури.

Вкупната вредност на неговиот опус во 1973 година е проценета на тогашни 750 милиони долари.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност