X
 23.08.2017 Образование

Досега највисок интерес за упис на ФИНКИ

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вчера објави листа пријавени кандидати за упис во првиот уписен рок 2017/18. Списокот содржи 763 заинтересирани кандидати, што го прави ФИНКИ еден од најголемите факултети во земјата, според бројот на студенти.



Од факултетот потврдуваат дека за 6 студиски програми од првиот циклус студии се пријавиле 763 кандидати, што е 10 проценти повеќе споредено со минатогодишниот прв уписен рок. Станува збор за тенденција која продолжува од самото формирање на Факултетот во 2011 година, односно секоја уписна година се зголемува бројот на студенти и интересот за ФИНКИ. Според деканот, вонр. проф. д-р Иван Чорбев, интересот не е изненадувачки и се должи на неколку фактори, вклучувајќи го светскиот тренд за зголемен интерес за информатичките науки, егзистенцоналната сигурност која ја дава професијата на студентите кои ќе дипломираат, интересните содржини кои се изучуваат, но и поддршката од Универзитетот, квалитетот и посветеноста на наставно-научниот кадар на Факултетот, тимскиот дух кој владее меѓу професорите и студентите и начинот на кој ги оспособуваат студентите веднаш по завршување на студиите да се зафатат со сериозни проекти во индустријата или во академските кругови за научно-истражувачка работа.

Според деканот, освен големиот интерес, особено радува фактот што самите пријавени кандидати се одликуваат со одлични квалитети. Имено, 40% од пријавените имаат над 90 поени според резултатите од средното образование со кое доаѓаат, односно 76% имаат над 80 поени. Тоа дава дополнителен мотив и предизвик за вработените кои имаат можност да работат со студенти кои се меѓу најдобрите од својата генерација.

Согласно конкурсот од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за академската 2017/18 година на ФИНКИ има 940 места за нови студенти, што значи дека сигурно ќе има и втор уписен рок на Факултетот и ќе има место и за нови студенти.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование