X
 09.10.2017 Образование

Писмените работи неписмени

„Како го поминав летниот распуст“, „Есента во мојот крај“, „Мојот најдобар другар“ - сигурно ви звучат познато темите. На која генерација и да ѝ припаѓате, вашите наставници во основното училиште сигурно ви ги предлагале за писмено изразување. Темите се вечни, на истите размислуваат и новите генерации, само како ги пишуваат? Наставниците алармираат дека од генерација до генерација учениците сѐ потешко се изразуваат усно, а уште потешко - писмено.



Во основа на сѐ лежи фактот што децата не сакаат да читаат, поминуваат многу време пред компјутерите и речникот им е сиромашен, се согласуваат просветните работници. Одамна нешто повеќе требаше да се направи во планирањата на наставниците по македонски јазик во смисла на подобрување и усовршување на воспитно-образовната практика во насока на поттикнување на писменото изразување кај учениците, вели одделенската наставничка Гордана Угриновска од Битола.

- Ваквите примероци на планирања ги имавме во реализација на проектот „Активна настава–Интерактивно учење“. Факт е дека во годините наназад беа воведени доста обуки за јазична писменост во која се застапени многу стратегии и техники, стојалишта на раскажувања („Јас ситуација“, ,,Koгa би ситуација“, ) како поддршка на писменото и усното изразување. Во што е проблемот? Дали несоодветното и паушално применување на тие стратегии или недоволното мотивирање од страна на наставникот на учениците, немотивираноста на самиот наставник или, пак, појавата на интернетот и готовите, сервирани состави кои како инстант-состави се појавија на нашите простори – вели Угриновска.

Таа додава дека интернетот е „нужно зло“, но главниот проблем кај писменото изразување доаѓа од фактот дека децата слабо читаат книги, односно не располагаат со доволен фонд на зборови кои ќе им дадат слобода во писменото изразување“.

- Едно е јасно. Уште во домот, малото дете треба да добие поддршка и мотивација од своите најблиски за развој на љубопитноста кон пишаниот збор, преку сликовниците, а подоцна и книгите во училиштето. Развивањето на фантазијата, емпатијата, личните доживувања, преку најразлични постапки, исто така е предуслов за развој на писменото изразување, а тоа ќе доведе до развој на ученичките вештини во усното и во писменото изразување, преточено во писмени состави, вежби и слично... Препорачувам: ЧИТАЈ, ЧИТАЈ И ЧИТАЈ…книги! – категорична е наставничката од Битола.

И родителите да обрнат внимание

И нејзина колешка што предава во основно училиште во неготинско село се согласува дека времето што децата го поминуваат пред компјутерите директно влијае врз нивната способност за изразување. Таа ни објаснува дека децата немаат желба да ги читаат ниту лекциите, а не пак лектирите.

- Без моја помош не можат да ја формулираат реченицата, дури и во четврто или петто одделение. Не читаат лектири, ниту пак нешто друго. Ајде ќе речете лектирите ги доживуваат задолжителни, па имаат отпор, ама не читаат ни нешто по нивен избор. Дури и самите родители ни признаваат дека немаат време за дома да поработат, да читаат заедно и се фалат дека нивните деца поминуваат по три часа пред компјутер. Има и исклучоци, ама од 20 деца, такви се пет-шест, а тоа е многу малку. Можеби во градските средини е поинаку, иако и колешките од други школи ми кажуваат дека се соочуваат со истиот проблем – вели наставничката, која објаснува дека децата мора да се мотивираат од сите страни.

Таа додава дека забележува и дека децата не умеат ни да фантазираат.
- Ние за тоа постоиме, ама мора работа и дома. Пред некоја година имавме таков проект како натпревар за најдобро читање пред родителите. Постојат родители кои воопшто не им ги погледнуваат тетратките на децата и тие ги носат истите учебници секој ден во ранците. Кога читаме текст на час, и после второ читање, ако ги прашате за што е текстот, нема да ви кажат. Ги поучуваме особено во погорните одделенија дека со помош на придавките ќе го направат текстот поубав. Компјутерите ги сменија децата. Лани им дадов тема „Мојот омилен цртан филм“ и половина деца во одделението раскажуваа турски серии. Ги прашувам децата дали дома гледаат цртани, ми велат: „Мама дома не дава на телевизорот да пуштиме, гледаме серија со неа“. Има и деца што подобро ја знаат латиницата отколку кирилицата - објаснува наставничката од Неготино.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование