X
 03.11.2017 Наука

Девет земји се на пат да го искоренат хепатитисот Ц

Според најнов извештај, 9 земји го поставуваат хепатитисот Ц под контрола, па ова заболување нема да претставува проблем до 2030 година. Повеќе од 300 милиони луѓе во светот живеат со хронична инфекција од хепатитис Б или Ц, па ова се неверојатни вести. Исто така, глобалните напори за третманите да бидат достапни за сите се забрзуваат, што е уште една позитивна вест.

фото извор: Kateryna Kon/ Shutterstock

Овие последни информации за елиминацијата на хепатитис Ц доаѓаат од опсерваторијата „Поларис“, која е независен ентитет посветен на поддршката на целта за глобална елиминација на хепатитис Б и Ц до 2030 година. Иако изгледа како амбициозен план, сепак, во изминативе години луѓето направиле значителен напредок кон елиминацијата на оваа загрозувачка болест.

Хепатитисот првично го напаѓа црниот дроб, а е предизвикана од еден од вирусите на товар на крвта (А, Б, Ц, Д и Е). Има многу достапни вакцини против А и Б, но не и за останатите, а 75-85 проценти од луѓето што добиваат хепатитис Ц завршуваат живеејќи со хронична инфекција. Сега, благодарение на напредокот во медицината, можно е комплетно да се излекуваат повеќе од 95 проценти од пациентите со хепатитис Ц. Единствено проблемот лежи во пристапот до дијагнози и високата цена на лековите.

Неколку интернационални организации се обидувале хепатитисот да го посочат како глобален приоритет во јавното здравје. Во 2016 година Светската здравствена организација присвои цели за елиминација на вирусни хепатитиси, целејќи кон 90-процентно намалување на новите инфекции и 65-процентно намалување на смртноста во следните 14 години. Изгледа дека трудот полека се исплаќа, бидејќи 9 земји – Австралија, Бразил, Египет, Грузија, Германија, Исланд, Јапонија, Холандија и Катар, се прогласени за земји кои се на пат да ја елиминираат болеста до 2030 година.

Интересно е што овие земји имаа различен пат за остварување на оваа цел. Египет имплементира масовни скрининг-тестови за болеста и масовна продукција на подостапни лекови. Во Австралија владата потпиша договор со фармацевтските компании за обезбедување третман за сите возрасни пациенти со хепатитис Ц, кој ќе биде финансиран од владата.

Иако овие примери се вистинска инспирација, сепак поголемиот дел од светот уште се бори со болеста и потребно е да се применат ваквите методи и во другите земји, за да се исполнат целите за елиминација на хептитис Ц на глобално ниво. Според информациите од опсерваторијата „Поларис“, уште 22 земји во моментов работат на остварување на целите, а кај другите е потребна сериозна промена во политиката и зголемено финансирање за да дојде до подобрување на ова поле. Минатата година 194 влади се обврзале дека ќе ги елиминираат вирусните хепатитиси до 2030 година.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука