X
 17.07.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Колку планини со надморска височина од над 2.000 м има во Македонија?

Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за Македонија

Македонија се смета за планинско-котлинска земја. Сложените геолошки, тектонски и ерозивни процеси кои дејствуваат стотици илјади, па и милиони години се причина за таквиот релјеф. Сте се прашале ли колку, всушност, планини има во нашата земја? Се среќаваат различни податоци поради тоа што поимот планина се дефинира според различни критериуми. 

- Точниот број на планини многу тешко може да се определи бидејќи во науката има различни критериуми за тоа што треба да се смета за планина. Обично како одредница се земаат апсолутната и релативната надморска височина, наклонот, волуменот, расчленетоста, површината и други елементи - вели проф. д-р Ивица Милевски oд Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Шар Планина (фото: Розе Сурловска)

Македонија може да се пофали со 13 повисоки планини, со надморска височина над 2.000 метри, што за малата територија и не се малку. Често за одредница се земаат одредени вредности за височина, наклон и површина, иако во различни делови на светот тие имаат различни вредности.

 

Сепак, за подрачјето на Балканскиот Полуостров обично за планина се смета возвишение со апсолутна и релативна височина поголема од 500 м, просечен наклон поголем од 5 степени и површина поголема од 50 квадратни километри.

Освен тоа, една планина, за да се смета како самостојна целина, треба да биде јасно одвоена со длабока долина или превој од друга планина. Ако не е така, тогаш станува збор за планински систем или планински масив. Затоа, често она што локалното население го нарекува планина, всушност, релјефно е дел од поголем планински масив.


Кожуф (фото: Иван Кал'чев)

- Кога би се „наредиле“ сите планини една врз друга, нивната заедничка височина би достигнала извонредни 68 км! На сите овие планини има околу 250 покарактеристични врвови, од кои стотина се повисоки од 2.000 м. Според тоа, Македонија има најголем број планини во однос на својата површина, не само во Европа, туку и пошироко. За жал, најголем дел од нив не се соодветно искористени, промовирани, заштитени или туристички валоризирани - вели проф. Милевски.

Кај нас се издвојуваат околу 40 планини и планински масиви. Ова се планините и планинските масиви со надморска височина од над 2.000 метри:

Шар Планина

Кораб (Корапски масив: Кораб со Дешат и Крчин), со највисок врв Голем Кораб (2.753 м).

Шар Планина (Шарпланински масив), со највисок врв Титов Врв (2.747 м).

Планина Дешат (фото: Силвана Жежова)

Баба, со највисок врв Пелистер (2.601 м).

Јакупица (Јакупички масив или Мокра), со највисок врв Солунска Глава (2.540 м). Дел од овој масив се Јакупица, Караџица, Даутица, Голешница и Китка. По површина е најголем планински масив во Македонија.

Јакупица (фото: Силвана Жежова)

Ниџе (Ниџе со Кајмакчалан и Козјак), со највисок врв Кајмакчалан (2.520 м).

Галичица (со Стара Галичица, Асан Ѓура и Исток), со највисок врв Вир – 2.288 м (во Албанија). На територијата на Република Македонија највисок врв е Кота (2.265 м).

Стогово (Стогово со Караорман), со највисок врв Голем Рид (2.268 м).

Планина Бистра со највисокиот врв Меденица (2.163 м.)

Јабланица, со највисок врв Црн Камен (2.256 м).

Осоговски планински масив (со Лисец, Плавица, Синковица), со највисок врв Руен (2.252 м).

Кожув, со највисок врв Зелен Брег (2.165 м).

Бистра, со највисок врв Меденица (2.163 м).

Сува Гора (Сува Гора со Добра Вода и Песјак), со највисок врв Добра Вода (2.061 м). Според одредени карактеристики, Сува Гора може да се смета за одделна планина од Добра Вода и Песјак.

Беласица, со највисок врв Радомир (во Бугарија) од 2.029 м. Во Македонија највисок врв е Тумба (1.881 м).



Галичица

Ниже Поле, планина Баба (фото: Радован Вујовиќ)
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема