X
 01.02.2018 Наука

На екстремно високи температури дрвјата не го апсорбираат јаглеродниот диоксид

Истражувачи од Австралија извршиле набљудување за да откријат како реагираат дрвјата на екстремни температури. Откако ги набљудувале дрвјата во земјата цела година, откриле дека на екстремно високи температури лисјата се „потат“ за да преживеат.


Досега се веруваше дека фотосинтезата и процесот на испуштање на водата не може да се случат еден без друг. Новата студија покажува дека кога има топлотни бранови, дрвјата привремено престануваат со апсорбирањето на јаглеродниот диоксид, иако продолжуваат да испуштаат вода преку своите лисја. Процесот на „потење“ им помага на дрвјата да останат изладени, но загрижувачки е податокот во однос на јаглеродниот диоксид, односно се поставуваат прашања што ќе се случува со оглед на тоа дека глобалното затоплување е во пораст.

Ако моменталните предвидувања се вистинити, топлотните бранови ќе бидат почести и поинтензивни. Прашањето е дали овие откритија значат дека дрвјата ќе престанат да го апсорбираат јаглеродниот диоксид целосно, како што се влошува состојбата со глобалното затоплување?

За студијата, истражувачите посадиле дрвја на две локации во близина на Сиднеј. Дрвјата биле поставени во таканаречени „капсули“ каде што температурата била контролирана, а научниците можеле да ги набљудуваат процесите. Поставувале температури со 3 степени повеќе од просечните, а симулирале и топлотни бранови за да видат како ќе реагираат дрвјата. Се покажало дека не е важно на која локација дрвјата ќе растат, односно тие реагирале исто на екстремните температури каде и да се наоѓале. Познато е дека дрвјата реагираат на стрес, па „потењето“ е само еден од начините. Може да се случи да се измени изгледот на дрвото и драстично да се намали неговиот раст.

Ќе се спроведуваат и дополнителни студии со други видови дрвја за да согледа дали ваквиот исход ќе биде еднаков за сите дрвја. Ако се покаже дека е така, тогаш човештвото ќе се соочи со големи проблеми. Кога издишуваме јаглероден диоксид, дрвјата го апсорбираат и го претвораат во кислород. Се разбира, истото се случува и со емисиите на јаглероден диоксид.

Ако не се преземат големи чекори за забавување на климатските промени, тогаш топлотните бранови ќе бидат почести, а ако сите дрвја го намалат или престанат да го апсорбираат јаглеродниот диоксид, тогаш тоа ќе има негативно влијание врз човечкиот вид, но и врз сите други организми на Земјата што зависат од кислород. Научниците се надеваат дека дополнителните истражувања ќе помогнат да се открие дали е можно, а и неопходно генетички да се создаваат дрвја за кои ќе бидеме сигурни дека ќе преживеат.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука