X
 18.01.2021 Живот

Ова се најрадиоактивните локации во светот

Луѓето се изложени на радијација речиси секојдневно. Со самото излегување надвор се изложувате на ниско ниво на јонизирачка радијација од сонцето и не може да јадете одредени намирници без минимална „изложеност“ на радијација. Но треба да бидете среќни што не живеете во близина на овие најрадиоактивни места во светот.

Нуклеарната централа „Фукушима Даини“, Јапонија

Во 2011 година Јапонија беше погодена од силен земјотрес кој ја предизвика првата несреќа во нуклеарна централа по онаа во Чернобил. Нуклеарната централа „Фукушима Даини“ го „преживеа“ земјотресот, но цунамито предизвикано од земјотресот беше двојно посилно од она што централата можеше да го поднесе.

Цунамито ги оштети пумпите со кои се ладеа реакторите во централата, а тоа предизвика истекување на радиоактивен материјал од трите реактори во Тихиот Океан. Централата беше затворена, но радиоактивниот материјал остана во океанот.


Фото: Pixabay

Чернобил, Припјат, Украина

Во април 1986 година се случи една од најстрашните нуклеарни катастрофи во светот. Настана експлозија и оган во централата во Чернобил, при што се испушти огромно количество радиоактивен материјал во атмосферата. Се смета дека над 5 милиони луѓе во поранешен СССР биле изложени на радијација. Денес, локацијата околу поранешната нуклеарна централа е едно од најрадиоактивните места во светот.

„Полигонот“, Семиплатанинск, Казахстан

„Полигонот“ бил користен од страна на Советскиот Сојуз како едно од главните места за тестирање нуклеарно оружје за време на Студената војна. Се проценува дека на локацијата се спровеле околу 450 теста од 1949 до 1989 година. Со години се криеле информациите за изложеноста на радијација на жителите во околината. Местото било затворено во 1991 година.

„Хенфорд“, Вашингтон, САД

„Хенфорд“ била главната фабрика за производство на плутониум потребен за нуклеарно оружје за време на Студената војна. Таму се произвел плутониум доволен за 60.000 нуклеарни оружја, како и плутониумот искористен за бомбата фрлена на Нагасаки во 1945 година. Фабриката не работи, но во неа се чуваат 60% од радиоактивниот отпад, од кој голем дел бил закопан во земјата.

Сибирски хемиски комбинат, Северск, Русија

Станува збор за фабрика за производство на производи за програмата за нуклеарни оружја на Советскиот Сојуз. По распадот во 1991 година, фабриката престанала со производство на плутониум и збогатен ураниум и денес таму се чуваат нуклеарни материјали и нуклеарен отпад.


Фото: Pixabay

Рударски и хемиски комбинат, Маилуу-Суу, Киргистан

Локацијата претставува извор на ураниум. Оттаму биле ископани големи количества ураниум за време на Студената војна. Алатите за ископување биле закопани, но дел биле оставени на површината. Регионот е подложен на сеизмичка активност, па можно е да се предизвика заразување на реките чија вода ја користат стотици илјадници луѓе.

Брегот на Сомалија

Се смета дека италијанска криминална организација и други групи ги користеле незаштитените региони и води покрај брегот на Сомалија за нелегално фрлање нуклеарен отпад и други отровни материјали со години. Се смета дека таму се фрлени дури 600 буриња токсичен и нуклеарен отпад, како и медицински отпад. Местото можеби ќе биде следната еколошка катастрофа.

„Институто Гојано де Радиотерапија“, Бразил

Институтот бил цел на крадци што предизвикале ширење на радијација на голем простор. Крадци што барале метален отпад зеле машина што содржела радиоактивен материјал од местото што претходно било клиника. Инцидентот се случил во септември 1987 година. Починале 4 луѓе, а околу 250 луѓе биле изложени на радијација.

„Селафилд“, Велика Британија

На ова место порано се произведувал материјал за нуклеарно оружје за време на Студената војна. Денес се користи како нуклеарна централа за производство на гориво. Фабриката испушта околу 9 милиони литри штетен отпад во морето секој ден. Поради тоа, Ирското Море е најрадиоактивното море во светот.

Мајак, Русија

Индустрискиот комплекс во Мајак, Русија, претставувал нуклеарна централа за производство на плутониум и процесирање на гориво. На ова место се случила една од првите нуклеарни катастрофи кога над 80 тони радиоактивен отпад експлодирале и испуштиле радиоактивен материјал на површина од 52.000 квадратни километри.

Несреќата се случила во 1957 година и се чувала во тајност до 70-тите години. Од 50-тите години отпадот од централата се фрлал во околината и во езерото во близина.


Фото: Pixabay

БОМАРЦ, Њу Џерси

Местото кое се наоѓа до воздухопловната база „Мекгвајер“ е место на кое во 1960 се случил пожар при кој се испуштил радиоактивен плутониум во околината. Се верува дека регионот е радиоактивен и денес.

Фабрика за ураниум во Ново Мексико

Во 1979 година се случила несреќа во која се излеале илјадници тони радиоактивен отпад и материјал во реката Пуерко. Бил пронајден радиоактивен материјал во реката на оддалеченост од 130 километри од фабриката. Жителите околу реката биле изложени на радијација, а повеќе стада овци и говеда починале по пиење на водата. Реката сè уште била загадена во 2003 година.

„Форт Добервилиер“, Париз

Во текот на 20-тите и 30-тите години Фредерик и Ирен Жолио-Кири правеле истражувања за радиоактивност на ова место. Подоцна биле спроведувани уште експерименти од француската војска, а сите тие ја заразиле тврдината. Во 2006 на местото сè уште имало радиоактивни делови.

Автор: Кристофер Мекфаден
Извор: interestingengineering.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот