X
 18.03.2021 Наша тема

Распределба на државните пари за култура - фестивалите се најзагрозени

Голем број уметници, креативци и културни работници, но и не нужно луѓе од културата, кои ја делат визијата дека културата е основен столб на секое демократско општество, гласно проговорија по објавувањето на резултатите на Министерството за култура по Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година.

Кризата поради пандемијата, која ги стави во застој и онака скромната културна понуда и побарувачката, и која ја направи исклучително тешка моменталната состојба на уметниците, се чини е причина повеќе за негодување околу изборот на проекти и сумите со кои се поддржани, како и комплетното отсуство на некои манифестации од програмата.

Меѓу првите што реагираа се организаторите на двата најголеми и најзначајни музички фестивали кај нас: Скопскиот џез-фестивал, кој годинава треба да го има своето јубилејно 40. издание, а на кој драматично му се скратуваат средствата, и „Оф -фест“, кој исто така годинава одбележува јубилеј – 20 години постоење.

- Секоја година напоменуваме дека и со тие средства што сме ги добиле од Министерството се соочуваме со сериозни финансиски тешкотии во реализација на манифестацијата. Со објавените средства не е можно да се обезбеди зачувување на форматот, квалитетот и исклучително високото меѓународно ниво на фестивалот. Едноставно, не сме подготвени да го враќаме фестивалот назад во далечното минато, практично стартувајќи од почеток, урнисувајќи ја неговата макотрпно градена највисока меѓународна репутација и претворајќи го во нешто друго - велат од фестивалот.

Нивниот дефинитивен и познат став е дека во ваков случај е подобро да му стават точка на фестивалот отколку да го сведат на настан од претежно локален или регионален карактер.
Новинарката Марина Костова во овој контекст напиша дека без оглед колкави ти се достигнувањата во која било област, мора постојано да се докажуваш како почетник кога аплицираш за државна поддршка.



- Па сега, си создавал светска институција 40 години, а секоја година си почетник - таква ти била среќата, земи си бројче, исто ти следува како на некој што почнува. Главната лекција што треба да ја научи секој човек успешен во која било сфера што живее во златна Македонија е да не очекува ништо од заедницата во која придонесува. Потоа е многу полесно, оти нема поддршка - нема проблем - вели Костова.

Авторката Јулијана Величковска, која истовремено раководи и со издавачката куќа „ПНВ публикации“, го сподели и својот дел од идејата за покренување скопски поетски фестивал, кој не доби поддршка.

- Сакавме нашиот фестивал да биде забавен и поинаков, поезијата, музиката и визуелното не само да се инспирираат меѓу себе, туку и директно да се поврзат на самата сцена, така што понудивме настани како: стихофренија ̶ читање своја поезија комбинирана со туѓа поезија, проза или мултимедијално претставување (настап на десетина македонски поети и гости од странство). Тридневниот скопски поетски фестивал би вклучувал најразлични активности – „Друштво на мртвите поети“, односно тематска вечер во чест на битовата поезија придружена со џез-музика, интернационално поетско читање, поетски саем на книгата, изложба на постери и цртежи, но и работилница за креативно пишување поезија со домашни и странски професори - рече Величковска.

Иако апликацијата била изработена со многу внимание, прецизно и јасно, стручната комисија одлучила дека овој проект не заслужува поддршка, дури ни минимална. Таа би сакала да добие вистинско образложение зошто проектот не добил поддршка, зашто, како што додава, не гледа како еден ваков проект не е од национален интерес.

Во делот на издаваштвото има разногласие, најмногу во однос на огромните разлики во висината на сумите со кои се поддржани книгите на различни издавачи. Сепак, издавачите како да имаа најмалку забелешки оваа година. Повеќе негодувааат што одредени манифестации и фестивали или не се поддржани или добиле минимални средства.

Никола Гелевски од „Темплум“ вели дека неговата главна причина за незадоволство е што не добиле пари за книжевниот фестивал „Друга приказна“ со образложение од Министерството дека една од организаторките на фестивалот на истиот конкурс добила превод на книга.
Во делот на манифестации, смета и Дејан Трајковски, направена е огромна неправда.

- На пример, фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ за деветтото издание има добиено помалку средства отколку за второто издание. А оттогаш многу работи се сменети. Само хонорари за квалитетни писатели и лауреат изнесуваат од 2.000 до 3.000 евра. Никој веќе не гостува без добар хонорар. Така и треба да биде. Додека сите од соседството прават светски фестивалски изданија, ние со крупни чекори се движиме наназад - вели Трајковски.

Реагира и Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје поради третманот на Министерството за култура на една од најзначајните летни културни манифестации во земјава – Скопско лето, која за 42. издание доби само 546.000 денари. Комплетно е избришан традиционалниот „Блуз и соул-фестивал“, кој лани одбележа 25 години од постоењето.

- Сега кога е активна кандидатурата на Скопје за Европски град на културата, ние сме соочени со маргинализирање на најголемата летна манифестација во главниот град. Притоа, компаративноста ни покажува дека за слични манифестации со содржини што често немаат никаква поврзаност со културата, и се нудат пред многу помала потенцијална публика, е обезбедена далеку поголема поддршка - велат од Дирекцијата за култура и уметност.



Комисијата годинава не го поддржа ни Театарот „Сенки и облаци“ и посебно 9. Интернационален детски фестивал за театар на сенки „Сонот на облачето“.

- Бидејќи слушнавме дека главен критериум за Министерството за култура оваа година биле квалитетот и континуитетот, не можам да разберам зошто решиле да го отфрлат нашиот фестивал и да не го поддржат со ниту еден денар. Декларативно сите се многу загрижени за децата, за нивниот креативен развој, едукација, уметност. И не само нашиот, гледам дека оваа година ниту еден детски театарски фестивал во Македонија не добил ни денар - велат организаторите на овој детски фестивал.

За критиките упатени кон нив, од Министерството за култура изјавија дека се неосновани и дека основни критериуми според кои работеле комисиите биле: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање креативни млади творци, ранливи и маргинализирани групи, како и реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот.

Фото: Фрипик
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема