X
 19.05.2022 Наша тема

Христијан Шаклевски - шампион во планинско трчање

Тренира една и пол година, а веќе го освои првото место на Националниот натпревар во категорија младинци, истрча стрмен планински терен од 6 километри за 38 минути

Кога ќе се спомене Битола, првата асоцијација од спортот е ракометот. Но, да не заборавиме дека градот се наоѓа на чекор до националниот парк Пелистер, па во последните години се прават обиди за што поголема застапеност на планинското трчање. Планината изобилува со поволни можности за развој на оваа спортска дисциплина, но сѐ уште дел од жителите ја практикуваат само рекреативно.

За пример служи средношколецот Христијан Шаклевски, кој успеа да го освои првото место во категоријата младинци на Националното првенство во планинско трчање во организација на Атлетската федерација на Македонија и Bitola Outdoor Festival, кое се одржа на Пелистер во април годинава. Тој истрча 6 километри низ планински терен за 38 минути.



Љубовта кон трчањето се роди во текот на пандемијата

Најчесто зад вакви успеси стојат години и години напорни тренинзи и љубов од најмали нозе. Но, Христијан искрено кажува дека кај него љубовта кон планинското трчање се родила во текот на пандемијата. Тренира една и пол година, а веќе стана шампион.

- Во текот на пандемијата почнав да трчам првин рекреативно, но со текот на времето сѐ повеќе и повеќе ми растеше желбата за овој спорт. За мене, трчањето претставува секојдневие при што ја исфрлам негативната енергија. Додека трчам, се чувствувам убаво и лабаво, пред сѐ - вели Христијан.



Членува во Атлетскиот клуб „Олимп“ под менторство на тренерот Демир Даутовски. Тренира шест дена во неделата, од понеделник до сабота, а недела е ден за одмор. Трча во градскиот парк и во околината, а некогаш и на помошно игралиште.

- Трчањето на планина е голем предизвик, пред сѐ, зависи од патеката, а многу и од расположението. Прилично е напорно, бара редовни тренинзи, дисциплина и одмор. Битола има планина на чекор, но, за жал, не е многу развиено планинското трчање, ама има луѓе што рекреативно се занимаваат со тоа - додава Шаклевски.

Ќе трча и ќе студира на Машински факултет


Тој е средношколец во Техничкото училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола и на младите им препорачува да ја користат планината не само за пешачење, туку и за трчање. „Пред сѐ заради здравјето, убаво е да се има физичка активност и здрав живот, да бидеш во форма“, додава битолчанецот. Има желба да истрча уште многу планински патеки и маратони, но воедно и да студира на Машински факултет.



Од Здружението за поттикнување и промоција на спортот, спортскиот туризам и здравиот начин на живот БОФ-Битола, кое беше дел од организацијата на натпреварот, велат дека ситуацијата со коронавирусот ги натера луѓето да се занимаваат со спортови на отворено, како планинарење, трчање, велосипедизам. Затоа решиле да ја реализираат идејата за креирање на спортскиот фестивал „Bitola Outdoor Festival“ или БОФ, со цел промоција на спортовите на отворено, градот Битола и на Пелистер.

Трчаат и уживаат во планинските убавини

- Планинското трчање во последните неколку години станува сѐ попопуларен спорт кај младите поради неколку придобивки. Дали се занимавате професионално или аматерски, покрај физичките бенефиции, подобрувањето на вашата кондиција, координација, подвижност и рамнотежа, додека трчате имате можност и да уживате во прекрасните глетки што ги нуди планината. Најголем показател е тоа што додека сме во посета на Баба Планина, гледаме сѐ повеќе млади луѓе по планинските патеки каде што тренираат или се подготвуваат за некоја планинска трка - вели Никола Тренески од БОФ-Битола.
Тој објаснува дека планинското трчање се одвива во природно опкружување, со почит кон околината и главно на планински терен. Трејл претставува натпревар во планинско трчање каде што можат да се користат и техники на одење и трчање на долги растојанија и се карактеризира со минимално користење на бетонски или асфалтни патишта. Патеките што се совладуваат можат да бидат од неколку километри до над 100 за ултратрејл патеки. Но, не е важна само должината на патеката, туку и конфигурацијата на теренот и висинската разлика, според што се одредува тежината на планинската трка според ITRA - International Trail Running Association.


Никола Тренески

Во септември трето издание на БОФ-Битола

БОФ-Битола во текот на целата година организира и поттикнува планински тури на различни локации во националниот парк, велосипедски тури, качување на карпи, еколошки акции, како и кампови за најмладите каде што имаат можност да се запознаат повеќе со планинарењето и убавините на Баба Планина.
Годинава, 17-18 септември, планираат да се одржат третото издание на БОФ-Битола (Bitola Outdoor Festival) и трката Pelister Ultra Trail. Лани на Pelister Ultra Trail имаше 250 учесници на двете трки, додека во рамките на фестивалот и другите активности повеќе од 800.

- Нашите идни планови се да продолжиме со промоција и поттикнување на младите да се занимаваат со спортски активности и да водат здрав живот, како и да ги запознаеме повеќе со убавините на Пелистер - вели Тренески.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема