X
 20.12.2018 Наша тема

Македонските пациенти смислуваат 300 финти за да го скокнат „Мој термин“

Лекарите што примаат неитни пациенти на ургентно се категорични: Кога се прават метежи со неитни болни, може лесно да се погреши кај оние на кои брзо им е неопходна здравствена помош

Некои сакаат да го скокнат долгиот ред за преглед, анализа или снимање, други не можат да обезбедат термин кај лекар по избор, трети се во паника или исплашени, а има и пациенти што се сомневаат во мислењето на лекарот кој веќе ги прегледал... Има цела низа причини поради кои македонските пациенти смислуваат финти како да го скокнат „Мој термин“ и да добијат здравствена услуга што побрзо. Па, додека некои се договараат со конкретни лекари како да им појдат на преглед, а тоа да се оправда административно, другите проблемот си го решаваат во ургентни центри. Лекарите што примаат неитни пациенти на ургентно се категорични: Кога се прават метежи со неитни болни, може лесно да се погреши кај оние на кои брзо им е неопходна здравствена помош.
На дежурен или во ургентен центар се оди без упат и пациентот добива преглед.



Се отвора специјален термин


Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, матичен лекар во Велес и претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека пациентите си наоѓаат начини да се протуркаат преку ред.
- Се случува со врска да се договори пациентот да го прегледа одреден специјалист, а за него да нема слободен термин во „Мој термин“. И ќе дојде пациентот и кажува дека сега ќе се појави слободен термин, па гледаме дека навистина се појавува во системот и го ловиме. Системот мора да е еднаков за сите - вели д-р Чолакова-Дервишова.
Таа вели дека во системот треба да има посебни назначувања (нешто како семафор) за кога испраќаат пациент на специјалист да се обележи колку е итен. Д-р Чолакова-Дервишова се пожали дека имаат голем притисок од пациентите да добијат одредена услуга, која, според лекарите, не треба да се направи, а и закани дека ќе го сменат лекарот ако не ја добијат.

- На пример, пациент со воспалено уво, кое можеме да го излекуваме, инсистира за упат за оториноларинголог. Иако поранешната пракса беше дека лекарот одлучува што треба да се направи и кога, сега често тој попушта под притисок. И кога ќе му даде упат за термин закажан преку систем или, пак, приоритетен, добро е да се назначи колку е итен пациентот. Дел од приоритетните не се навистина приоритетни - вели докторката.

Министерството за здравство подготви нови типови упати, замена за приоритетните, но тие сѐ уште не се спроведуваат.

- Матичните имаат големи притисоци - вели Чолакова-Дервишова.

Им се зема редот на вистински итните


Д-р Нико Беќаровски, директор на Клиниката за токсикологија, која е ургентен центар за интерните клиники, вели дека има вечери кога половина од пациентите што доаѓаат како итни всушност не се итни случаи.
- Има пациенти кои, на пример, пресилно ги доживуваат симптомите, но и такви што можеби гледаат полесен начин за да добијат друга услуга. Ќе се направи крвна слика, ехо и сѐ што треба и често се потврдува дека не се итни. Има и такви што бараат упати за некое снимање, на пример. Не ги упатиле матичните зашто сметале дека не треба да се направи и решиле вака да се обидат. И потоа снимките ќе покажат дека лекарите биле во право - вели д-р Беќаровски.



Проблем со неитни пациенти имаат и во ургентниот центар во скопската градска болница „8 Септември“. Д-р Владимир Алексов, началник на центарот, вели дека лекарите може да забележат дека пациентот не е итен, но штом дошол таму на лекар, не смее да биде вратен.

- Ние се трудиме да ги разбереме сите што бараат помош од нас. Но, мора да се има на ум дека оној што не е итен може да му одземе драгоцено време на некој што има сериозен проблем. Имаме болни со мозочни удари, срцеви удари, пациенти во живото-загрозувачка ситуација и лесно може да се направи превид кога се прави ред на кого првин да му се укаже помош - вели д-р Алексов.

Тој раскажува дека има пациенти што не се итни, но доаѓаат испаничени и битно им е да им кажат дека не им е ништо.
- Некои слушнале дека на ургентно ќе ги добијат прегледите без закажување. Ние секако мора да ги прегледаме. Некои сакаат да им се направи ЕКГ, да им се измери притисок, или некоја снимка... Има и по 170 прегледи за 24 часа. Ќе повторам, имаме разбирање, но мора да се има на ум зошто се оди на ургентен - додава д-р Алексов.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема