X
 23.08.2022 Наука

Невидените горештини го предизвикаа феноменот „лажна есен“

Поради шушкањето на лисјата под нозете и промената на бојата на листовите на дрвјата, можеби ќе помислите дека пристигна рана есен.

Но, експертите велат дека оваа индикација за промена на годишните времиња всушност е знак за „лажна есен“.

Исто така, експертите предупредуваат дека топлотниот бран и сушата ги турнале дрвјата во режим на преживување, при што лисјата паѓаат или ја менуваат бојата како резултат на стресот, што може да предизвика некои дрвја да умрат.

- Кафеавите лисја и раната есен се знаци дека дрвјата се под стрес - вели Ли Хант, виш советник за хортикултура во британското Кралско хортикултурно друштво.

- Се добива впечаток дека веќе е есен, но деновите се премногу долги за да почнат тие природни есенски процеси; затоа ова слободно може да се нарече „лажна есен“ - објаснува Хант.

Британскиот експерт вели дека во неговото 45-годишно искуство ова е една од најлошите години што ги видел во однос на оштетувањата на дрвјата. И додека дрвјата може да издржат суша благодарение на нивната широка коренска мрежа, помладите примероци, како оние што се засадени на лоша почва покрај патиштата, можат да овенат и да умрат, додава тој.

Сѐ зависи од дождот

Дрвјата што изгубиле само неколку лисја би требало да закрепнат со доволно врнежи од дожд, објаснува тој. Сепак, постои критична точка кога дрвото не може да ја надомести изгубената вода низ порите во лисјата и буквално ќе се исуши.

Дрвјата може да реагираат со производство на повеќе семиња во обид да се репродуцираат и да преживеат во иднина.

Ако има многу дожд, би можеле да видиме дури и втора пролет со дополнителни дрвја што растат, забележува Хант.

суша
Фото: Freepik

Рекордно рани диви плодови

Други знаци на непредвиливото време може да се видат во бобинките што се појавуваат на растенијата и на грмушките.

Британскиот „Вудленд траст“, кој евидентира сезонски промени, го доби својот прв најран извештај за зрели капини досега - 28 јуни. Се вели дека овошјето и јаткастите плодови зреат побрзо од кога било, што може да предизвика катастрофа за дивиот свет што се храни со нив.

- Рекордната топлина која тукушто ја доживеавме помогна да се создадат серија настани од почетокот на есента. Добивме најрани зрели плодови од капини од југот на Англија. Исто така, и глогот и дренот созреаја рано во некои делови од земјата. И екстремните температури и недостигот на вода може да предизвикаат лисјата да паднат порано отколку што би очекувале - вели Фрита Вест од „Вудленд траст“.

Последиците од сушите на реките можат да траат со години

Тешко е да се предвидат долгорочните ефекти од сушата, но еколозите мислат дека исушените пасишта и тврдата почва низ поголемиот дел од Јужна Англија ќе имаат големо влијание врз дивиот свет.

За време на летните суши, брзорастечките алги можат да ги задушат мочуришните растенија, убивајќи ги така што ќе им ја блокираат светлината.

Намалувањето на нивото на реките го намалува живеалиштето за рибите, водоземците и безрбетниците, што влијае врз цели екосистеми.

- Овие растенија обезбедуваат витално живеалиште за инсектите и рибите, а нивната загуба предизвикува големи промени во синџирот на исхрана. Може да бидат потребни неколку години за растенијата да ги обноват или повторно да ги населат овие делови на реките погодени од сушата - така што влијанието на силните суши може да биде продолжено - вели д-р Мајк Боус од Центарот за екологија и хидрологија во Велика Британија.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука