X
 25.10.2021 Наука

Научници велат дека создале нова „чудна“ состојба на материјата

Научници од Универзитетот во Чикаго велат дека успешно создале „чудна“ нова состојба на материјата во лабораторија, наречена „суперјонски мраз“, и дека таа можеби веќе постои во планети во нашиот Сончев Систем.

- Тоа беше изненадување, сите мислеа дека оваа фаза нема да се појави додека не сте на многу поголем притисок од оној на кој ја пронајдовме. Но, благодарение на неколку моќни алатки, ние успеавме многу точно да ги мапираме карактеристиките на овој нов мраз, кој образува нова состојба на материјата - истакна истражувачот Витали Пракапенка од Универзитетот во Чикаго.

Неговиот тим користел акцелератор на честички за да испука електрони меѓу две делчиња дијамант, создавајќи неизмерлив притисок од 20 гигапаскали во примерок вода и предизвикувајќи формирање на целосно нова структура која се вратила во претходната состојба кога го олабавиле притисокот.

- Замислете коцка, решетка со атоми на кислород на ќошињата и поврзана со водород. Кога се трансформира во оваа нова суперјонска фаза, решетката се шири, овозможувајќи атомите на водородот да мигрираат наоколу додека атомите на кислородот остануваат стабилни на нивните позиции. Ова е нешто како цврста кислородна решетка во океан на пловечки атоми на водород - објасни Пракапенка.

Тој додаде дека откако трудот за експериментот е објавен во „Нејчр“, тимот планира да ги проучува новите карактеристики на состојбата и што се случува кога се меша со други материјали. Тие, исто така, се сомневаат дека состојбите на Уран и Нептун може природно да ја предизвикаат состојбата.

- Ова треба да стимулира многу нови студии - рече тој.

Извор: Futurism
Фото: University of Chicago
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука