X
 26.05.2023 Наша тема

Сѐ помалку месари има во државата - годинава само тројца ученици се пријавиле за занимањето месопреработувач

Ако направам паралела сега и во 2006 година, кога согласно конкурсните услови за упис за занимањето месопреработувач се бараа 2 паралелки по 34 ученици и истата година беа одбиени шеесетина ученици, тоа е доказ за драстичниот пад на интересот денес, односно последната година се пријавија само тројца ученици, информира Јасминка Гудоманова, директорка на СУГС „Димитар Влахов“

Јасминка Гудоманова е директорка на СУГС „Димитар Влахов“, Игор Ќосев е претседател на Здружение на месарите, сопственик на „ГУРМАН МЕС“, а Дарко Петковски - сопственик на компанија „Петковски“, некогашен ученик во СУГС „Димитар Влахов“. Тројцата се согласни дека сѐ помалку ученици се запишуваат во стручно средно образование. Заинтересираноста е многу мала, а тоа се одразува врз индустријата. Тие се загрижени за малиот интерес за занимањето месопреработувач и посочуваат дека бројот на месари во државата е многу мал, се затвораат фирми затоа што нема кој да работи, а реално работа има и месари се многу потребни.



- Интересот на учениците за стручното образование, конкретно во секторот хемија и технологија за образовниот профил месопреработувач е на маргините. Со години се бележи пад на интересот кај полуматурантите за упис во оваа струка. Ако направам паралела сега и во 2006 година, кога согласно конкурсните услови за упис се бараа 2 паралелки по 34 ученици и истата година беа одбиени шеесетина ученици, тоа е доказ за драстичниот пад на интересот - изјавува Гудоманова.


Јасминка Гудоманова
Стипендии за стимулирање на учениците месопроизведувачи

Како што зборува таа, оваа учебна година 2022/2023 се пријавиле само тројца ученици, претходната учебна година вкупно 5 ученици, а во 2020/2021 ниту еден.

- Постојат повеќе причини овој драстичен пад, прво и основно е сѐ помалиот број на деветтоодделенци кои завршуваат основно образование, миграцијата и големиот број ученици што одат во гимназиско образование, а тоа и ни го покажуваат статистичките податоци на државно ниво. Дефицитот на квалификуван кадар во месарската индустрија од година на година е сѐ поголем, а потреба од работна сила има. Училиштето СУГС „Димитар Влахов“ Скопје не може во целост да одговори на побарувачката на пазарот на трудот – категорична е директорката Јасминка Гудоманова.

Според Дарко Петковски, слабиот интерес на учениците за изучување на занаетот се чувствува и во месарскиот сектор.

- Имаме потреба од квалификувани месари кои веднаш ќе ги вработиме. Со проширување на капацитетите на компанијата имаме дефицит од квалификувани месари, односно имаме потреба од нови работници. Со цел да ги стимулираме и поттикнеме учениците да се запишат во средно стручно образование, потпишавме со училиштето меморандум за соработка и отворање на вратите на компанијата за идните ученици месари, нивно стипендирање и отворање можност за вработување. По завршувањето тие можат да работат во маркети, производство, кланици, месарници. Мотив плус да се вклучам во афирмацијата и стимулирањето на учениците да се запишат на месопроизводство се токму моето искуство и спомените од моите средношколски денови поминати во училиштето. Кога бев ученик во СУГС „Димитар Влахов“, бевме два класа со по 30 ученици и сите знаевме да работиме, одевме на пракса и се натпреваруваме кој ќе биде најдобар - споделува Дарко Петковски.


Дарко Петковски
Сериозна студија за насочување на учениците кон стручните училишта

Претседателот на Здружението на месарите, Игор Ќосев, исто така вели дека има дефицит на месари, месопреработувачи, касапи, пандлери и други месопроизводители, генерално во нашата држава.

- Учениците не се заинтересирани за дел од стручното образование, поконкретно за месарскиот сектор. Минатите години интересот беше многу поголем. Сметам дека ова се должи на фаворизирањето на гимназиските паралелки и одредени стручни паралелки - истакнува Игор Ќосев.

Според него, добар стимул е стипендирање на учениците од институциите и од компаниите.

- Сметам дека е потребна сериозна студија за насочување на учениците кон стручните училишта со оглед на долгогодишниот недостиг на работна сила на пазарот на трудот. Месопреработувачите се стекнуваат со вештини за работа во месната индустрија и имаат можност за кариерен напредок. Овој отсек освен вработување во месарници, производствени погони, кланици и маркети, нуди и можност за самовработување и отпочнување сопствен бизнис. Ученици, помина времето кога велевме учи за да не работиш, сега дојде време да се оспособите стручно за да имате сигурна и успешна иднина. Ви препорачувам да не го следете трендот на гимназиското и бизнис-образование, вашата иднина е стручно образование – апелира Ќосев.


Игор Ќосев
Финансиска независност на млада возраст

На прашањето како да се мотивираат учениците да се запишат на овој отсек, директорката Јасминка посочува:

- Дуалното образование, кое се практикува во последните години, е една од можностите за зголемување на интересот на учениците за стручното образование од причина што е стипендирано. Целосна поддршка во овој процес имаме и од компаниите кои нудат стипендија за учениците, како и сигурно вработување по завршувањето на образованието. Со запишување во средно стручно образование учениците се здобиваат со вештини кои ќе им овозможат побрзо и полесно вработување, а со тоа и на релативно млада возраст ќе стекнат финансиска независност. Постојано има отворени работни позиции за месар, и тоа не само на нашите простори, туку често сме сведоци на одлив на квалификувани месари надвор од државата – посочува Јасминка.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема