X
 27.05.2018 Наука

Зошто научниците се толку возбудени поради ерупцијата на Килауеа

Вулканот кој почна со нови ерупции на трети мај се покажа како место кое ќе им даде многу информации на вулканолозите. Научниците ги проучуваат експлозивните ерупции зашто ова е ретка можност да го направат тоа, бидејќи често мораат да го копираат однесувањето на вулканите во лабораториите.

Податоците за тоа каде напукнува вулканот, како магмата оди низ земјата и кои предупредувачки знаци може да постојат за да посочат на идни ерупции ќе се искористат за подобро планирање и заштита на хавајското население во иднина.

-Ова е неверојатна можност да се види како овој вулкан ќе се менува. За некои ова ќе значи животно дело - вели Венди Стовал, вулканолог од американскиот Геолошки топографски институт.

Лавата и опасните гасови принудија илјадници жители да ги напуштат своите домови, а уништени се повеќе од 45 домови. Геотермалната електрана, која обезбедува околу една четвртина од електричната енергија за Големиот остров, е под закана од лавата. Службеници од компанијата истакнаа дека електраната е обезбедена од потенцијален контакт со лавата.

Стовал истакна дека значителна промена од изминатата недела е што лавата почнала да ја губи вискозноста, што значи дека станала пожешка, полизгава и побрза. Затоа претставува поголема закана по луѓето и домовите.

Дополнително, научниците забележале хемиски сличности меѓу лавата кои излегува од отворите процепите од ниската источна пукнатина и магмата на врвот од вулканот. Тоа им кажува на научниците дека магмата наоѓа пат надолу низ вулканот висок повеќе од 1.200 метри. Како резултат на тоа на врвот има помалку магма. Кога ќе се спушти до ниво на кое доаѓа во контакт со зоната на земјата во која порите се заситени со вода, се случуваат експлозии предизвикани од пареата која се создава. Тоа може да се види на следниот приказ.

Фото: Science Alert

-Ова значи дека ќе продолжиме да гледаме активност, но не можам да кажам до кога - вели Стовал.

Вулканот Килауеа е константно активен во изминатите 25 години, но ниедна активност не била како оваа. Живоста го направи овој вулкан еден од најпроучуваните на светот. Дури и пред земјата да се отвори тука, Килауеа беше како пациент на интензивна нега, постојано следен со опрема. Според вулканолозите, неодамнешните експлозии се слични на настани од 1924 година. Научниците се особено заинтересирани за набљудувањето на ерупциите кои се случуваат кога жешката карпа е во интеракција со водата во земјата. Ако отворот на вулканот е блокиран, пареата создава притисок кој расте додека не се случи експлозија. Според истражувачите, предупредувачките знаци за овие настани не се многу разбрани.

Мартен де Мур, истражувач во Вулканолошката и сеизмолошката опсерваторија во Костарика, вели дека проучувањето на гасот од вулканските отвори во часовите и минутите пред ерупција може да им помогне на научниците да ги предвидат следните настани. Податоците од Килауеа може да помогнат.

-Сакам да видам дали ќе можат да забележат големи разлики во гасот кој излегува. Очекувам многу наука од овој настан - истакна тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука